|
07.09.2008
Машката кошаркарска сениорска репрезентација на Македонија ја декласира селекцијата на Португалија во вториот квалификациски меч за пласман на Евробаскет 2009, со 85:48 и на најдобар можен начин се рехабилитираше за шокантниот пораз во Рига од Летонија на стартот.
Португалците немаа среќа и застанаа на патот од македоснката одмазда. Дилемата за победникот исчезна со нашето прво двоцифрено водство, кое им допушти опуштена завршница на нашите кошаркари.
Апсолутната доминација Македонија ја почна со експлозијата во првата четвртина, благодарение пред се на беспрекорната одбрана, но и на бедната игра на противникот, првите десет минути ги добивме со 22:04.
Вториот период беше единствен во кој Португалците не беа посрамотени, но затоа до крајот наведнаа глави кога нашиот состав поставуваше нова и се повисока позитива. Максималните 39 разлика дојдоа пред самиот крај кога пуликата во салата „Борис Трајковски“ веќе имаше видено многу од репертоарот на нашите момци.
Капитенот Врбица Стефанов повторно беше прва виолина со 23 коша.
Убедливиот триумф го става во заборав несреќниот пораз на стартот во Рига, но ни дава обврска за четири дена во Талин против Естонија да ја прифатиме фаворитската улога и да направиме уште еден чекор кон шампионатот во Полска.
|