|
Ивица Стојановски
|
|
 |
 |
30.07.2010
Одбројувањето почна. Кошаркарската репрезентација на Македонија ноќеска ќе отпатува за Украина, со чија селекција в понеделник ќе ги отвори квалификациите за Европското првенство во 2011-та.
Во овие моменти селекторот Марин Докузовски го одржува последниот скопски тренинг.
Жежок август ги очекува најдобрите македонски кошаркари. Со надеж за успешен почеток на тринеделното квалификациско искушение, избраниците на Докузовски ноќеска патуваат на исток, од каде што симболично, на Илинден ќе тргнат во поход кон третата Евробаскет резервација.
Првата пречка ни малку лесна. Во Јужни играме против репрезентацијата на Украина. Сепак, нашиот селектор се чини ја има добитната комбинација.
„Калкулации во овие квалификации нема да правиме на секој натпревар ќе играме максимално и ќе одиме на победа затоа што објективно за да се квалификуваме ние мора да ги победиме сите натпревари дома и да бараме брејк на најмалку два натпревари“ изјави Марин Докузовски селектор на кошаркарската репрезентација на Македонија.
Докузовски очекува помалку главоболки отколку во подготвителниот период кога мака мачеше да скрпи состав. Како поради проблеми со повредени играчи, така и поради хронично незалечените кога станува збор за репрезентативните настапи.
Сепак, Грин и Меккелјеб ги пополнија празнините кои се појавија. Првиот ќе носи црвено-жолто уште од 2-ри август, неговиот сонародник се надева дека ќе му се придружи веќе во следната пресметка.
„За нас ова е извонредна можност да се играме со и против квалитетни интернационалци и да видиме до каде сме. Уште повеќе, сакаме да помогнеме Македонија да ги мине квалификациите. Со соиграчите ќе дадеме се од себе да оствариме што повеќе победи“ изјави Лестер Бо Меккејлеб
Слични најави и од Перо Антиќ, кој сепак знае дека нема да биде лесно без вистински предводник на македонскиот национален тим.
„Го немаме лидерот Врбица но оваа репрезентација ја краси тоа што сите сме заедно сите сме еден вид дванаесет капитени и сите играме еден за друг кога сите играме заедно мислам дека нема шанси да изгубиме утакмица“ изјави Перо Антиќ.
Да се надеваме дека ќе биде така и по двомеч соочувањата со Украина, Унгарија, Велика Британија и со Босна и Херцеговина, за неполн месец во Сараево ќе го славиме пласманот на континенталниот собир.
|