|
Влатко Арсов
|
|
 |
 |
07.02.2010
Стари познаници на патот до старата желба да се направи забележлив исчекор во фудбалска Европа.
Денешната ждрепка во Варшава ги донесе противниците на македонската репрезентација во квалификациите за европското првенство во Полска и во Украина во 2012-та.
Ќе играме во групата „Б“ каде што се и Русија, Словачка, Република Ирска, Ерменија и Андора.
За селекторот Мирсад Јонуз ова е конкуренција која ќе бара многу работа, но ќе понуди добар фудбал.
Вели можеме да се надеваме на чекор понапред во едни квалификации.
„Пред ова нели сите шпекулиравме и размислувавме што ќе биде најдобро, но едно се желбите, а друго е реалноста. Ние во овој момент ја имаме оваа група, што по мое мислење е група за игра, група за фудбал, група која што без разлика на квалитетот на сите репрезентации, можеме да ги почнеме нашите планови, да одиграме значајни натпревари со она што мислам дека како селекција го поседуваме“, изјави селекторот на нашата фудбалска репрезентација, Мирсад Јонуз.
„Јасно е дека Русија е фаворит, но бидејќи и другите репрезентации се исто така квалитетни, ние ќе мора да направиме исчекор напред и мислам дека оваа група е можност да одиме чекор напред и да успееме да се замешаме во борбата бараж“, додава Јонуз.
„Што се однесува до самата ждрепка односно договарање на натпреварите, одлучено е на 17-ти февруари во Москва да одлучиме со кого ќе играме“, вели Мирсад Јонуз.
Со сите противници сме играле во два квалификациски циклуса, освен со носителот Русија. Со неа се соочивме пред Еуро 2008 и два пати загубивме со вкупни 5:0.
Непријатни спомени имаме и од Словаците. Во четирите средби од квалификациите за Европското 2004-та и светското две години пред тоа, не успеавме ниту еднаш да славиме против нив.
Еднаш ремизиравме и три пати капитулиравме со катастрофална гол разлика од 1:10.
Република Ирска е меѓу првите големи имиња кои паднале во Скопје. Во април 97-ма, во квалификациите за мундијалот во Франција ја совладавме со 3:2, откако претходно загубивме со 3:0. Во групата за Евро-шампионатот две години подоцна во Скопје ремизиравме, а на островот бевме поразени.
Само со аутсајдерите на хартија имаме позитивен ефект, но ниту со нив не минувавме глатко во минатото.
На Андора и создадовме историја подарувајќи и ја првата победа, а со Ерменија останавме без триумф уште во првите квалификации како самостојна држава. И со двете имаме по две победи и по едно реми и пораз.
Уште еднаш почнуваме со второто место како амбиција, иако само најдобрата второпласирана репрезентација, заедно со победниците од 9-те групи директно патува во Полска и во Украина.
Преостанатите 8 второпласирани екипи ќе играат дополнителен бараж. Изненадувања ќе има, но на прв поглед фаворитите не би требало да потфрлат.
- Во другите групи ќе играат:
А група - Германија, Турција, Австрија, Белгија, Казахстан и Азербејџан.
Ц група - Србија, Италија, Северна Ирска, Словенија, Естонија и Фарски острови.
Д група - Франција, Романија, Босна и Херцеговина, Белорусија, Албанија и Луксембург.
Е група - Холандија, Шведска, Финска, Унгарија, Молдавија, Сан Марино.
Ф група - Хрватска, Грција, Израел, Летонија, Грузија и Малта.
Г група - Англија, Швајцарија, Бугарија, Велс и Црна Гора.
Х група - Португалија, Данска, Норвешка, Кипар и Исланд.
И група - Шпанија (актуелен европски првак), Чешка, Шкотска, Литванија и Лихтенштајн.
|