Дома Фон
Дома > Вести > Македонија > Стечајните работници на протест пред владата

Стечајните работници на протест пред владата

Сашка Цветковска

09.03.2010

 
 

„Дојдовме до очај наш со државата, власта не ни дава спас. Маки наши тешки што бараме само корка леб, а бевме наивни за нивните цели за нивните фотелји“, рече стечаец.

Со поезија напишана специјално за премиерот, но и со десетици гајби јајца кои завршија пред владата на Република Македонија, стечајците порачаа дека немаат намера да отстапат од своите барања.

„Не бараме да влегуваме внатре додека тие не не повикаат, што значи ние ќе бидеме тука секој вторник додека се реши нашето прашање“, изјави Лилјана Герогиевска, стечајно координативно тело.

Поддршка за стечајците дадоа и претставниците од партиите обединети за Македонија, СДСМ и НСДП, а од синдикатите на Македонија побараа од премиерот уште еднаш да размисли за судбината на овие луѓе.

„Очекуваме да сепак премиерот попушти и изнајде пари од буџетот и ги реши овие стечајни работници кои се наоѓаат во многу тешка економска состојба, немаат никакви примања, едноставно се борат за гол живот“, вели Драги Јовановски, ССМ.

Поддршка за стечајците дадоа и претставниците од партиите од опозициониот блок.

„Не треба владата која од 2006-та година е на власт во оваа држава, да бара постојано изговори зошто не може да го реши овој проблем“, рече Марјан Николовски, СДСМ.

„Може да ги запре непродуктивните инвестиции околу 2014 и дел од тие средства да издвои за стечајните работници“, вели Љубе Бошковски, ОМ.

„Ние и понатаму ќе продолжиме и во собранието да предлагаме закон, да ги поддржуваме нивните иницијативи. Тоа ни е на располагање како политички партии“, изјави Тито Петковски, НСДП.

Стечајците од целата Република штрајкуваат во Куманово, а секој вторник доаѓаат на неделен генерален штрајк пред владата.

Бараат власта да услови закон кој ќе ги згрижи работниците чии фирми отидоа под стечај за време на транзицијата или по 100 евра месечно за околу десет илјади стечајци од земјава кои ги исполнуваат условите.

Реакција на ВМРО-ДПМНЕ

Протестите на стечајците се дел од сценарио на СДСМ за предизвикување на силен впечаток за огромно социјално незадоволство и револт, обвини денеска ВМРО-ДПМНЕ.

Според нивните сознанија во логистичка поддршка на протестите обезбедувале повеќе општински организации на СДСМ.

„СДСМ и Бранко Црвенковски иако неформално но директно и непосредно стојат зад организирањето на така наречените протести на стечајците. СДСМ ќе мора да одговори дали е точно дека нивни активисти и членови, а некои и поранешни и сегашни пратеници, стојат зад организацијата на членството на СДСМ од општините Куманово, Велес, Штип и Пробиштип за директно учество во подготвувањето на денешниот така наречен протест на стечајците“, изјави Илија Китановски.


www.a1.com.mk/vesti/default.asp?vestID=120785