Дома Фон
Дома > Вести > Економија > Словенија ќе го преиспитува договорот за купување на Космофон

Словенија ќе го преиспитува договорот за купување на Космофон

Александар Момировски

03.02.2010

 
 

Словенечката влада бара да се провери купопродажната зделка со која Телеком Словенија го купи телефонскиот оператор космофон, сега преименуван во "One".

Министерот за економија Матеј Лаховник, побарал да се спроведе ревизија за да се расчистат сомневањата за евентуални неправилности во договорот за купување тежок 190 милиони евра, јавуваат словенечките медиуми, а освен за Космофон, контрола се барала и на зделката за преземање на косовскиот телефонски оператор Ипко.

Лаховник сакал да знае дали се реални цените за купување на двата оператори бидејќи постоеле сомневања дека сумите биле пренапумпани односно дека Телеком Словенија бил премногу дарежлив во понудите.

Во делот за Космофон се јавува дека се бара ревизија по информациите дека останатите компании во трката за купување понудиле далеку помалку пари од Телеком Словенија, а сомнежите за неправилности се зголемиле и по информациите дека Космофон имал помал број активни претплатници од оние што биле пријавени кога се реализирала зделката.

Од Телеком Словенија велат дека ревизиите се нормална работа во време кога се менуваат управувачките ешалони, како што неодамна беше случај во компанијата, уверени се дека контролата ќе докаже дека се е во ред, тврдат дека не платиле многу за Космофон, а различните бројки за претплатници се познати од порано и се резултат на различните стандарди за мерење на клиентите што се користат во Македонија и во Словенија.

Телеком Словенија е во доминантна сопственост на словенечката влада. Компанијата лани во март го купи Космофон од грчки Космоте.


www.a1.com.mk/vesti/default.asp?vestID=119482