Македонија остана без покана, САД ќе ја гарантираат безбедноста
03.04.2008 20:22
Нема покана за Македонија за прием во НАТО на самитот во Букурешт. Грчкото вето беше пречката која лидерите на 26-те земји членки на Алијансата не успеаја да ја прескокнат. Проблемот со името беше причината поради која немаше договор околу приемот на Македонија. Меѓутоа, сите признаа, дури и Грција, дека Македонија ги исполнила сите барани услови поставени пред неа. Македонија доби цврсти гаранции од САД за нејзината безбедност и регионалната стабилност. Се очекува во наредните десетина дена министерот за надворешни работи на Македонија, Милошоски, да отпатува во Вашингтон, каде што треба да ги договори деталите од воено-техничкиот договор, којшто треба значително да ги подобри македонските капацитети да се справува во иднина со безбедносни ризици. Видлива беше разочараноста на македонскиот државен врв од одлуката во Букурешт. Македонскиот претседател Бранко Црвенковски во реакцијата на одлуката Македонија да не ја добие поканата изјави дека никој и ништо нема да ја спречи Македонија да ги оствари целите кои ги има поставено како држава и како народ - вклучување во евроатлантските интеграции. И покрај ветото од Грција, Македонија ќе издржи и македонскиот народ ќе опстои, порача Црвенковски веднаш откако се сретна со американскиот претседател Буш. „Единствената пречка зашто денес не станавме членка на НАТО, односно не бевме поканети да станеме членка на НАТО, се фрустрациите на нашиот јужен сосед, Грција, којашто својата ирационална позиција ја издигна на такво ниво, да го злоупотреби правото на вето како членка во НАТО алијансата“, рече Бранко Црвенковски. „Од тој аспект гледано, сакам да им порачам и на сите граѓани на Република Македонија, меѓутоа и на нашите соседи во Грција, Република Македонија ќе опстои, нашиот народ и ова ќе го издржи, ќе продолжиме по патот којшто сами го определуваме и дека секој оној којшто мисли дека на овој начин ќе не спречи како народ или како држава, да ја оствариме онаа иднина којашто ја посакуваме, силно греши. Некој ќе го сфати тоа порано, некој подоцна, а ние тоа веќе го знаеме“, порача Црвенковски. Македонија имала многу тешки моменти во својата историја и во последниве 17 години и сите ги пребродила, ќе го пребродиме и овој, изјави македонскиот премиер Груевски веднаш откако се сретна со американскиот претседател Буш. „Денеска сите земји членки на НАТО, како никогаш досега, беа на страната на Македонија, освен една држава, тоа е Република Грција. Никогаш досега во историјата на Република Македонија немало толку многу поддржувачи на нејзина страна, но и една држава којашто е толку многу против земјата да стане членка на НАТО. Секој оној што мисли дека со овој потег ќе ја натера земјата да прифати нешто што тој сака да го прифати, мислам дека е во голема заблуда“, изјави Никола Груевски. Задоволство на грчката страна. Шефицата на дипломатијата Дора Бакојани во првата реакција на одлуката на лидерите на НАТО изјави дека нејзината земја сака добри соседски односи. „Ќе продолжиме да работиме и да преговараме и сигурна сум дека ако има политичка желба, ќе најдеме прифатливо име. Грција никогаш нема да наметне какво и да е име. Ќе постигнеме договор за името, не сакаме да наметнеме какво и да е име, затоа нема да зборувам за конкретни имиња“, рече Дора Бакојани, министер за надворешни работи на Грција. „Го одбивме предлогот на господин Нимиц, бидејќи не верувавме дека тој предлог ќе го реши проблемот. Му ги испративме нашите препораки и погледи на господинот Нимиц. И понатаму ќе работиме на секаков можен предлог кој господинот Нимиц може да го стави на маса“, додаде Бакојани. Одлуката на НАТО да не ја покани Македонија како мала земја, каде што над 90% од населението сака да биде дел од Алијансата, е навистина тежок момент за македонската нација, изјави македонскиот министер за надворешни работи Милошоски веднаш откако се дозна дека Алијансата дефинитивно и формално стави вето на македонскиот влез во неа. „Поради грчките забелешки, самитот на НАТО се произнесе за помалку стабилност, наместо да се одлучи за поголема стабилност и зацврстување на регионалната стабилност. Но, Македонија и во иднина ќе даде се од себе, во соработка со своите пријатели, за подобра иднина на својата нација“, вели Антонио Милошоски, министер за надворешни работи на Македонија. „Жално за демократските принципи е што кандидатурата на Македонија за членство во НАТО беше казнета не поради тоа што сме направиле, туку поради тоа кои сме. Ние сме Македонци и нашата држава се вика Република Македонија. Така ќе остане засекогаш“, додаде Милошоски. По неколкукратно одложување, одлуката на лидерите на НАТО ја соопшти генералниот секретар на НАТО Јап де Хоп Шефер. „Оддаваме признание за напорната работа и залагањето кое го покажа ПЈР Македонија кон вредностите на НАТО и операциите на Алијансата. Им честитаме на напорите за изградување на мултиетничко општество“, рече Јап де Хоп Шефер. „Во рамките на ОН, тие работеа напорно за да го решат прашањето на името, но Алијансата забележа мал напредок и овие разговори не завршија со успешен исход. Затоа, ние решивме дека поканата за ПЈР Македонија ќе биде одложена се до постигнувањето на заедничко прифатливо решение за името“, додаде Шефер. Македонскиот претседател Црвенковски и премиерот Груевски веќе се вратени во Скопје. Враќање на остатокот од делегацијата се очекува за вечерва околу полноќ на скопскиот аеродром. Но, она што деновиве беше објавувано од страна на голем број светски агенции, дека македонската делегација незадоволна од одлуката на самитот предвреме и во знак на протест ќе го напушти истиот, не е точно. Владини извори за А1 велат дека враќањето еден ден претходно од планираното е само поради обврските што ги имаат во Скопје.
|