Злоупотреба на деца преку интернет
24.08.2008 19:40
Ова е едно 12 годишно девојче од Скопје кое многу често е на компјутер и преку интернет комуницира со своите врсници. „Хај Фајв и Пицзо се ако имаш свој профил, своја страна, па посетуваш и други, твојот го посетуваат, си оставате коментари и така. А, на Кајгана и такви некои како Мотика, тие се форуми“, вели девојчето. Ова се дел од интернет страниците за дружење и комуникација кои ги посетуваат тинејџерите, но и помалите деца. Оставаат слики, лични податоци. „Фотографии, име, најчесто возраста се крие, има да оставиш и каде живееш ама тоа не оставаме, зашто малце е... Има и телефон да оставиш“, вели детето. Најчесто испраќаат коментари за профилот, дали е добар или не, знаат и да се скараат со своите врсници. Но, проблемот е во тоа што овие веб страни ги посетуваат и многу повозрасни, на кои целта не им е да се допишуваат со тинејџерите. „Лажно се претставуваат, на пример, ќе речат дека некоја наша возраст се, а всушност се 20 години поголеми. Возрасните најчесто праќаат покани за да им бидеш пријател или така нешто, а после ако прифатиш ти враќаат. Најчесто не ги прифаќаме заради тоа што прво проверуваме, заради тоа што тоа се возрасни луѓе, доста поголеми од нас и не е безбедно баш да прифатиш“, рече детето. Оставената слика или лични податоци на интернет можат да се злоупотребат. Познавачите со став - еднаш оставен податок на интернет, засекогаш останува таму. Од Дирекцијата за заштита на личните податоци велат дека од пријавите кои ги добиле минатата година, дури 10% биле за злоупотреба преку интернет. Жртви најчесто се децата. Многу често се пробиваат лозинките за пристап до личниот профил, добиваат пораки со вулгарна содржина и непристојни понуди. „Добиваме многу често барања, од тинејџери генерално, коишто приметиле дека на нивните лични страници се случува нешто чудно, односно содржините се менуваат преку ноќ, се ставаат туѓи слики, се ставаат вулгарни содржини“, изјави Елена Стојановска, Дирекција за заштита на лични податоци. По добиените податоци за злоупотреба, Дирекцијата бара од провајдерот да ги симне од интернет. Проблем е кога одредената интернет страна е регистрирана во странство. Нивната препорака за заштита на личните податоци е да се прочита политиката на приватност која ја има секоја веб страна. „Податоци имаме дека многу голем број на интернет предатори постојат, многу голем број на деца се злоупотребени од страна на овие луѓе“, изјави Елена Стојановска. Клучна улога во заштитата на децата од интернет злоупотреба имаат родителите, велат во НВО „Метаморфозис“. Детето мора да има приватност додека е он лајн, но надзорот на родителот е повеќе од потребен. „Налетување на порнографија, бидејќи податоците зборуваат дека децата се многу често изложени на порнографија, меѓутоа, најчесто случајно. Така што родителот тука мора да биде за да може да интервенира“, изјави Ирина Шумадиева, координатор на проектот во „Метаморфозис“. Но, ретко од родителите се бара помош. „На родителите не им кажувам многу зашто не ни се разбираат многу од овие работи, ова се повеќе за тинејџери, за помали“, вели девојчето. Тие во текот на минатата учебна година, држеле предавања во училиштата - како децата да се заштитат од злоупотребата на интернет. Едукацијата ќе ја продолжат и од септември, кога ќе го издадат и водичот за родители. „Овој софтвер им овозможува на родителите да одредат кои игри, кои активности, кои веб сајтови децата смеат да ги посетуваат, во кои денови од неделата, во кој дел од денот итн.“, рече Ирина Шумадиева. Интернет злоупотребата е сериозен проблем кој е распространет во целиот свет. Затоа мора и глобално да се делува. Статистиката покажува дека со грубо пребарување на Гугл, на зборот „енциклопедија“ дава 214 милиони резултати, додека на зборот „секс“ неверојатни 763 милиони. Едно од седум деца на возраст од десет години добива сексуални понуди преку интернет, додека годишно се појавуваат околу 20.000 нови педофилски сајтови. 12-годишното девојче од нашата приказна било доволно свесно да не прифати никаква понуда и да си ги заштити личните податоци на интернет. Но, колку деца несвесно или незнаејќи он лајн оставиле податоци кои можат многу да ги чинат?
|