Билборд уби човек во Битола
24.03.2008 16:17
Силниот ветер кој денеска во Битола дуваше со над 100 километри на час, сруши билборд и предизвика трагедија во која загина 43-годишниот Драги Јончески, градежен техничар на јавното претпријатие „Нискоградба“, татко на две малолетни деца. Трагичниот настан се случи околу 11 часот во близина на тениското игралиште, каде што работниците на Јавно претпријатие изведуваа земјени работи. „Несреќата се случила кога билборд на „Акцент медија“, веројатно заради силниот ветер којшто во текот на претпладневните часови дуваше во Битола, се откачил и паднал врз телото на жртвата. Исто така билбордот повредил уште двајца работници на „Нискоградба“, меѓутоа тие се здобиле само со лесни телесни повреди“, изјави Ѓоко Стрезовски, портпарол на СВР Битола. Иако, веднаш по несреќата Јончески беше однесен во Клиничката болница во Битола, повредите од билбордот за него беа фатални. „Не даваше знаци на живот, пациентот беше мртов донесен, шанси за оживување немаше, толку беа тешки повредите“, рече Васо Радивојевиќ, специјалист по ургентна медицина. Фаталниот билборд беше висок три метри и имаше димензии од пет наспрема два и пол метри, тој бил разнишан од земјените работи и требало да биде изваден пред два дена. „Тој се нишаше од ветерот, како што поминуваше човекот го удри и толку беше“, вели Владо Димовски, работник. Силниот ветер денеска во Битола направи повеќе штети врз фасади, електрични инсталации и сруши неколку паноа.
|