Казна за „Ти-мобајл“ и „Космофон“ за услугата говорно сандаче
05.03.2008 20:32
„Ти-мобајл“ треба да плати 4 милиони евра, „Космофон“ 250.000 евра казна оти контра законите им наплаќале на корисниците за услугата говорно сандаче. Одлуката ја донесе комисијата за заштита на конкуренцијата на последната седница. Констатирано е дека двата мобилни оператори ја злоупотребиле доминантната позиција на пазарот, го прекршиле Законот за заштита на конкуренцијата нудејќи ја услугата мејли. Се работи за злоупотреба во која „Ти-мобајл“ и „Космофон“ не им оставиле бесплатен простор на своите клиенти за да одлучат дали на лицето што го бараат ќе му остават порака, ако на мобилниот телефон го вклучил говорното сандаче. Наплаќале веднаш од моментот на отворање на мејли опцијата, иако според домашната регулатива тарифирањето требало да почне дури откако операторот ќе извести дека е вклучено сандачето. Одлуките на комисијата се конечни, но мобилните оператори можат да реагираат против решенијата со тужба на управен суд. Во „Ти-мобајл“, велат дека веќе поднеле тужба, но и дека го смениле начинот на тарифирање за услугата говорно сандаче. Потенцираат опцијата мејли во Македонија ја вовеле според меѓународните стандарди во мобилната телефонија и дека досега во Европа ниту еден регулатор не изрекол санкција за иста ваква работа. Во „Космофон“ официјално немаат коментар. Извори од таму тврдат дека ќе реагираат против решението на комисијата.
|