ИВЗ: Да се обноват урнатите џамии
26.01.2008 19:31
По иницијативата на премиерот Груевски да се изгради црква на плоштадот „Македонија“, и Исламската верска заедница бара да се обноват урнатите џамии во Скопје. Акцентот го ставаат на Бурмали џамијата, која се наоѓала на плоштадот „Македонија“, на местото на Офицерскиот дом. Во ИВЗ сметаат, ако се менува деталниот урбанистички план, покрај црквата, на плоштадот „Македонија“ треба да се вметне и џамијата која била урната во 1925 година. „Сметаме дека оваа Влада, која досега се докажала дека помага и сака да има верски објекти, позитивно ќе одговори и на нашето барање поднесено пред скоро една година“, рече Африм Таири, генерален секретар на ИВЗ. Од Владата велат дека со ИВЗ се во отворен дијалог за сите прашања од заеднички интерес. За црквата, која треба да се гради на плоштадот „Македонија“, веќе од понеделник треба да се распише меѓународен тендер за идејно решение. Во целиот процес, покрај архитекти, ќе учествуваат и свештеници, велат од Министерството за култура, кое треба да ја раководи постапката за изградба на црквата. МПЦ на став дека се уште е рано да се каже дали новиот верски објект ќе биде посветен на Свети Константин и Елена, исто како урнатата црква. Името и светецот на кој ќе му биде посветена ќе се одреди на крајот, а најголемо влијание за тоа ќе има мислењето на верниците.
|