На плоштадот Македонија ќе се гради црква
24.01.2008 18:51
На плоштадот Македонија до Градскиот Трговски Центар ќе се гради црква. Одлуката за изградба на овој сакрален објект ја донела владата. „Во сите европски земја токму на плоштадните места, без разлика дали станува збор за земји коишто се од католичка доминантна исповед, протестантската или православната, имаме црковни објекти, а впрочем на ова место каде што се предлага да биде новиот храм, веќе имаше црква“, изјави Ивица Боцевски, портпарол на Влада. Деновиве Министерството за култура ќе распише меѓународен тендер за идејно решение. Од МПЦ велат дека изгледот на црквата треба да биде според македонската православна традиција. Местото каде треба да се изгради верскиот објект и припаѓа на општина Центар. Според деталниот план, таму не е предвидена црква, но во општината велат дека немаат против. Некои експерти сметаат дека изградбата на црквата е политичко решение. Според Мирослав Грчев, црквата ќе биде политички билборд на владата, вели дека работите се поставени наопаку, прво ќе се градел објектот, а дури потоа ќе се барала легализација. „Градска црква, не било поставено тоа пред скопските урбанисти како програмско барање. Досега не постои мисла за тоа, толку е помалку логично да ад-хок без еден ден промисла, пред се стручна да се набодува локација“, рече Мирослав Грчев, универзитетски професор. Во близина на локацијата каде треба да се гради црквата имало стара, посветена на Цар Константин и Света Елена. Не е одлучено дали ним ќе им биде посветена, или на други светци. Старата црква била урната во земјотресот од 1963 година, на нејзино место е изграден Градскиот Трговски Центар.
|