Кристофер Делисо ја открива „Скриена Македонија“
19.01.2008 20:00
 | | Кристофер Делисо | | | |
Американецот Кристофер Делисо ја открива нашата земја во патеписната книга насловена „Скриена Македонија“. Во неа тој претставува едно негово патување околу Охридското и Преспанското езеро низ Македонија, Грција и Албанија. Делисо овој дел од Македонија го претставува како највозбудливо подрачје во Европа, кое се уште не му е познато на Западот. „Книгата ги покрива убавините на Преспанскиот и Охридскиот регион, се она што го има таму, а таму се има на едно место, култура, историја, природни убавини, се она со што се сретнав таму“, изјави Кристофер Делисо. Книгата лани била објавена во Лондон и веќе се продава во САД и во повеќе европски земји. На македонски јазик ќе биде издадена во март. „Полека секоја година повеќе млади луѓе сакаат да дојдат тука. Слушам, за овие две години што е Македонија, треба да одам таму, што има таму?“, вели читател. Делисо ја истражува Македонија последните шест години, денеска тој се сретна со читателите во клубот „Матица“, каде редиците посетители го означија почетокот на годинашниот зимскиот саем на книгата. „Ова покажува една убава слика за Македонија, сите скептици дека во Македонија не се чита и дека Македонија нема култура на читање, со ова паѓа во вода“, рече Дејан Павлевски, „Матица Македонска“. Зимскиот саем се одржува под мотото „Книга за секого“. „Многу сум задоволен од оваа манифестација, има многу народ, ме радува што и младите доста читаат. Редовно посетувам и купувам. Може тоа и почесто да се прави, но и во пошироки простори, очигледно дека навиката за книгата кај народот се зголеми. Мислам да ја земам „Народни приказни“ или „Бескрајна приказна“. Лани бев сега и оваа година“, велат читатели. На саемот во „Матица Македонска“ цените на книгите се намалени од 10 до 80%, а книжарницата ќе биде отворена и утре.
|