Заим Халили екстрадиран во Македонија
10.11.2007 19:07
 | | Заим Халили | | | |
Заим Халили, осомничен за убиство на командирот на полициската станица Матејче Фатмир Алили, денеска е екстрадиран од Приштина во Скопје. Пред два месеца во престрелката во Ваксинце Заим Халили беше ранет, по што неговите луѓе илегално со џип го пренесоа во медицинскиот центар во Косово, да се лекува. МВР во договор со косовската полиција попладнево го презеде Халили. „Околу 15 часот на граничниот премин Блаце беше преземено лицето Заим Халили, кое со неколку меѓународни потерници беше барано преку Интерпол и безбедно, без никакви инциденти спроведено до истражниот затвор Скопје“, Иво Котевски, портпарол на МВР. „Инаку, Заим Халили беше баран со три меѓународни потерници заради сомнение за сторени кривични дела убиство и две убиства во обид“, додаде Котевски. Вечерта на 9 септември Заим Халили заедно со братот Скендер и Џеладин Исени, брат на познатиот Џејми Шеј, пукаа во полицајците кои со теренско возило патролираа на потегот меѓу селата Слупчане и Ваксинце. Командирот Фатмир Алили беше убиен, а ранети беа полицајците Јанче Китанов и Слаѓан Костовски. Се очекува Халили да биде изнесен пред истражен судија. Покрај убиствата, против него има поднесено повеќе кривични пријави за кражби и разбојништва. 
|