Потврдено загинувањето на Шити
08.11.2007 18:59
 | | Рамадан Шити | | | |
Ниту трага, ниту глас од Лирим Јакупи-Нацист. Го нема меѓу убиените, не е ни уапсен. Во „Планинската бура“ загинаа шестмина, а 13 се уапсени. Сите се со дебели криминални досиеја, осудени за убиства, барани со меѓународни потерници за тероризам. Убиени се Рамадан Шити од Косово, Беким Мемети од Тетово, Ферат Шахини од Бродец, Фидан Фејзулаху од Косово и Имер Гавази и Фисник Амети од Бродец. Но, МВР не ја исклучува можноста дека во акцијата има уште жртви. „Доколку во наредните денови бидат пронајдени и друг тела починати во престрелката или доколку биде утврдено дека и други лица учествувале во групата, против нив ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави“, изјави Иво Котевски, портпарол на МВР. Од 13-мината уапсени 12 се жители на Бродец, а еден е од Тетово. Тие биле логистичка поддршка на групата на Лирим Јакупи. Најголем дел од нив биле повредени во акцијата и се пренесени во болница, каде се под силно полициско обезбедување. Останатите веднаш биле приведени во полициска станица. Најтешко е повреден Невзат Зибери од Бродец. Тој го организирал транспортот на оружјето до Косово. Ранет е во стомакот и се наоѓа во болница. „Тој е опериран и се наоѓа на Клиниката за интензивно лекување - КАРИЛ. Уште пет пациенти кај кои се констатирани тапи повреди на различни делови од телото и тие се примени исто така на Клиниката за интензивно лекување - КАРИЛ“, рече Соња Стошиќ, портпарол на Ургентен центар. На сите уапсени земени им се парафински ракавици, за да се утврди дали пукале кон полицајците. Во институтот за судска медицина се префрлени телата на загинатите. Рамадан Шити за да не биде уапсен, се разнел со бомба во една од куќите во селото. До него била пронајдена муниција, експлозив и ракетен фрлач. Дел од убиените и уапсените биле во униформи, а дел во цивилна облека. Биле сместени во две куќи, но и распоредени на позиции надвор од Бродец. Полицијата го завршила увидот во селото. Пронајдено е огромно количество на оружје.
|