Груевски: Илинден е празник на македонскиот стремеж
02.08.2007 00:00
 | | Никола Груевски | | | |
По повеќегодишна слаба посетеност, прославата на Илинден на Мечкин Камен ја врати некогашната масовност. Илјадници граѓани од цела Македонија и од соседството, повеќето од нив организирани од владејачката ВМРО-ДПМНЕ, со силно полициско обезбедување, им оддадоа почит на Илинденците. Во име на хероите од 1903-та и учесниците на АСНОМ, премиерот Груевски и од денешните генерации побара да ја извојуваат својата битка, a на опозицијата дека владата нема намера да запре со бескомпромисната битка со корупцијата и криминалот. „Владата на РМ работи напорно кон исполнување на неопходни реформи, отвори жестока борба против корупцијата и против организираниот криминал“, изјави Никола Груевски. „Ако Илинден 1903 година беше Илинден на македонскиот непокор, ако Илинден 1944 година беше Илинден на македонската истрајност и сплотување, Илинден 2007-ма е Илинден на македонскиот стремеж, Илинден на македонската битка за успех, за економскиот развој, за подобар и подостоинствен живот“, изјави Никола Груевски, претседател на владата. 
Граѓаните годинава задоволни, што Илинден во Крушево го врати стариот сјај, сепак незадоволни што прославата на Илинден предизвика партиски поделби. „Не чини што се двојат, оти тоа е тој празник, тогаш се борело за слобода и сега се бори за слобода. Поарно е на едно место да биде целиот народ, сите да бидеме заедно“, велат граѓаните. Освен на бината, кадешто стоеше заедно со знамето на ЕУ, официјалното државно македонско знаме не можеше да се забележи меѓу посетителите. Гостите на најбројната веселба на Илинден во последниве неколку години на Мечкин Камен сепак, не го послушаа повикот на премиерот Груевски, кој од Илинден порача дека Македонија мора да биде единствена. Овации за него и свирежи за делегацијата на претседателот Црвенковски и на партијата СДСМ.
|