Усвоени измените на Законот за радиодифузна дејност
12.02.2007 00:00
Собранието на денешното продолжение на 12-тата седница го донесе Законот за изменување и дополнување на Законот за радиодифузна дејност. Со измените и дополнувањата на Законот за радиодифузна дејност се предвидува замена на функцијата извршен директор на ЈП МРТ со работоводен орган составен од две лица, подеднакво одговорни за работењето на МРТ и за обврските што ги преземаат во правниот промет. Членови на работоводниот орган и нивните заменици можат да бидат домашни и странски физички лица кои ќе понудат најквалитетна програма за работа на МРТ. Според условите што се бараат со измените на Законот, членовите на работоводниот орган и нивните заменици треба да имаат универзитетско образование, најмалку пет години работно искуство во областа на радиодифузијата или со пет годишно работно искуство како успешни менаџери, како и познавање на прописите од областа на радиодифузијата. За член на работоводен орган и негов заменик не може да биде избран член на Советот и на Управниот одбор на МРТ. Членовите на работоводниот орган и замениците ги избира Управниот одбор на МРТ врз основа на претходно спроведена постапка на јавен конкурс и поднесена програма за работа на МРТ. Постапката за избор и разрешување на членовите на работоводниот орган и замениците се утврдува со Статутот на МРТ. Со измените на Законот за радиодифузна дејност се продолжува за уште шест месеци рокот за трансформација на јавните локални радиостаници. Досегашните казнени одредби во законот се заменуваат со прекршочни одредби. Во текот на амандманската расправа беа прифатени и одбиени неколку амандмани. Од неприфатените, дискусија предизвикаа два амандмана од пратеничките Весна Бендевска, Цветанка Ивановска и Благородна Цветковска од СДСМ. Со нив се бараше јавните локални радиодифузни претпријатија да бидат основани од општините и да продолжат да работат како јавни локални радиодифузни претпријатија, а нивното финансирање да биде со средства од радиодифузната такса.
|