Македонија последна во регионот по странски инвестиции
17.10.2006 00:00
Странските директни инвестиции во Македонија во 2005-та драстично опаднале во однос на 2004-та година, со што земјата се наоѓа на последното место во регионот. Во Македонија лани биле инвестирани само 100 милиони американски долари, се наведува во податоците од извештајот за вложувањата во светот, што го објави Конференцијата на Обединетите нации за трговија и развој (УНКТАД). За разлика од лани, во 2004-та година во Македонија биле регистрирани 157 милиони долари странски директни инвестиции (СДИ). Македонија се наоѓа на последното место во регионот на Југоисточна Европа, според СДИ, каде во 2005, вкупно биле вложени 12,4 милијарди долари. Најмногу СДИ во Југоисточна Европа се регистрирани во: - Романија - 6,3 милијарди долари
- Бугарија - 2,2 милијарди долари
- Хрватска - 1,69 милијарди долари
- Србија и Црна Гора - 1,48 милијарди долари
- Босна и Херцеговина - 300 милиони долари
- Албанија - 260 милиони долари
Нивото на вкупните СДИ лани во светот е зголемено во однос на 2004. за 29%, на 916 милијарди долари, при што, вложувањата во развиените земји се зголемиле за 37%, на 542 милијарди долари, а во земјите во развој за 22%, на рекордни 334 милијарди УСД. Меѓу поединечните региони најмногу инвестиции привлекла Европската унија, забележувајќи прилив на странски инвестиции во вредност од 422 милијарди долари, односно речиси половина од вкупната вредност на вложувањата ширум светот.
|