„Свислајон“ незаконски станал газда на „Агроплод“
13.10.2006 00:00
„Свислајон“ и Драшковиќ на криминален и незаконски начин станаа газди на „Агроплод“, тврдат доминантните акционери кои шест месеци безуспешно се обидуваат да го докажат криминалот пред државните институции и во судовите. Китинови, како предводници на групата акционери кои тврдат дека заедно поседуваат 66% од капиталот во „Агроплод“ посочуваат, „Свислајон“ на Драшковиќ во фабриката се инсталирал со директна помош на актуелниот градоначалник Бузлевски. Обвинуваат дека државниот пакет акции од 25% од фабриката незаконски ги купил српскиот магнат, кој откако ги управува сите српски кондиторски компании, сега бизнисот го шири и во Македонија. Тврдат дека истиот тој пакет пред неколку години го купиле од тогашната Агенција за приватизација. Подоцна агенцијата се пишмани, ги враќа акциите под државна капа, ама на акционерите парите никогаш не им ги исплатила. Китинови сега ја тужат државата за вложените пари, за камата и за изгубена добивка на сумата што ја платиле тогаш. Овој бизнис скандал добива меѓународни димензии. Според информациите на А1, бизнисот во „Агроплод“ веќе му бил ветен на хрватски „Краш“, кој преку доминантните акционери Китинови имаа намера да влезат со директни инвестиции во Македонија. Премиерот на Хрватска, Санадер, тогаш дури добил и гаранции од високи државни функционери дека ќе влезат во кондиторскиот бизнис. Сметките ги поматил Бузлевски, носејќи го директно „Свислајон“ на Драшковиќ, чија сопственост сега почнува да се проблематизира и во Србија.
|