Информатика ќе предаваат наставници по ОТП
03.09.2006 00:00
Задолжителниот предмет информатика и техничко образование е новина која е воведена оваа учебна година. Во наставната програма е застапен со два часа, а ќе го учат учениците од петто до осмо одделение. Но, уште на самиот старт се појавиле проблеми, тврдат професорите по информатика, кои иако со соодветно образование, нема да им го предаваат на учениците новиот и атрактивен предмет. Основите на информатиката децата ќе ги учат од наставниците по техничко образование. „Информатика ќе предаваат кадри кои ќе се дообразуват со еднодневен курс“, изјави Методија Јанчески претседател на здружение на информатичари. Информатичарите велат дека при изготвувањето на наставниот план по новиот предмет воопшто не биле исконсултирани. Ќе бараат од министерството за образование информатиката да се издвои како посебен предмет и да се учи од четврто одделение. Наставниците пак по ОТП, велат дека наставниот план и програма за предметот информатика и техничко образование е изработен според европските стандарди. Тие ги предавале само основните поими на информатиката. Извори од министерството за образование за А1 потврдуваат дека решението новиот предмет да го предаваат наставници по ОТП е далеку од идеално. Но, било само привремено. Се одлучиле на ваков чекор, затоа што 600 наставници по техничко образование ќе останеле без работа, ако информатичарите предавале информатика и техничко образование. Кој ќе го предава новиот предмет следната година и од кое одделение ќе се изучува информатика се уште не се знае, велат од образование.
|