Македонија од екс СФРЈ ќе ќари 8 до 11 дипломатски претставништва
28.02.2002 00:00
Од преостантите неподелени 103 дипломатско-конзуларни претставништва на поранешна СФРЈ, Македонија ќе добие од осум до 11 објекти. Точниот број ќе зависи од вредноста на овие амбасади, а во рамките на договорениот процент за македонскиот удел во имотот на поранешната федерација - 5,4 проценти. Извори од македонското министерство за надворешни работи велат дека Македонија набргу ќе може да се всели во веќе добиениот конзулат на поранешна СФРЈ во Париз. Од МНР велат дека веќе е постигната согласност Српската православна црква, која во моментов ги користи овие простории, да се исели оттаму. Овој конзулат беше добиен во првата поделба на тнр. мини пакет на дипломатски претставништва. Сепак најспорно во поделбата на имотот на поранешната федерација во моментов е поделбата на парите што останаа на сметката на Народната банка на поранешна СФРЈ. Југославија соопшти дека во моментов на таа сметка има само 50 милиони долари, а не 645 како што беше проценето при потпишувањето на договорот за сукцесија, лани во Виена. Од овие причини Хрватска ја запре процедурата за ратификација на спогодбата за сукцесија во парламентот, а сличен потег најавува и Босна.
|