Танушевци бара да се врати административната граница
11.05.2006 00:00
Кодра Фура, сега стратешка точка на македонската армија, во турско време место каде тогашните војници печеле леб. Токму за ова место е дилемата: чие е? На Косово или Македонија? Не објаснија Бучковски и Чеку, па сега е нејасно кои линии ќе се повлечат - административните од времето на СФРЈ, оние од 2001-ва или нешто трето. За жителите на Танушевци, нема дилеми. „Кодра Фура е во Копиљача, каде што е највисокиот врв. Таа од секогаш била косовска и се уште е, а таму кадешто се антените, и тами ја викаат Кодра Фура, но тоа е на Танушевци“, изјавија жители на Танушевци. Токму граничната линија им создаде проблем на овие луѓе по најавите дека спорните 2500 хектари земја ќе се решат кога Македонија ќе ги откупи од косоварите. „Голема грешка е дека ќе се купува земјиштето на жителите од Дебалде. Тие ниту продаваат, ниту купуваат земја“, вели жител на областа. Која е разликата меѓу административната и границата што ја договорија Белград и Скопје пред 5 години. За жителите од ова место, првата е сосема прифатлива, а втората ќе предизвика проблеми. „Земјиште на Косово. Пола од селото Мијак и Дебалде ги ставија во Македонија. И во случај Приштина и Скопје тоа да го договрат, ние не прифаќаме такво решение “, велат од областа. Во подножјето на овие ридови е административната граница. Жителите на Танушевци немаат против да се отвори граничен премин во подножјето на нивните ридови. До сега се противеа. Танушевци во 2001-ва беше место од каде започна конфликтот. 5 години потоа, тие се незадоволни. Велат: политичарите се сеќаваат на нас само пред избори.
|