Китинов против продажба на државните акции во „Агроплод“
07.05.2006 00:00
Да се поништи тендерот за продажба на државниот пакет во „Агроплод“ бара најголемиот акционер во ресенската фабрика, Китинов. Веќе утре изутрина ќе испрати писмен документ со таква содржина до Министерството за економија. Китинов го оценува како скандалозен потегот на Владата. Во изјава за А1 вели, условите што се наведени во јавниот оглас, според кој предност имаат акционери кои веќе поседуваат 25% од акциите, може да ги исполни само „Свислајон“. И тој има повеќе од 25% акционерски капитал во „Агроплод“, ама вели, нема продажна мрежа како „Свис“ и свесен е дека токму во тој дел српската фабрика ќе предничи. Досието „Агроплод“ Китинов ќе го достави и до Антикорупциската комисија. Тврди дека продажбата на ресенската фабрика е дил меѓу српската фабрика која е инаку сопственост на братот на Вук Драшковиќ и домашни владини функционери. „Свислајон“ пред еден месец купи 25% од фабриката. Плати еден милиони евра. Толкав пакет акции сега на продажба нуди и државата, ама бара 4,2 милиони евра. Китинов тврди дека „Свислајон“, иако сега поседува само 25%, веќе ги диктира условите во ресенската фабрика. Веќе побара фирмата да се симне од котација на берзата, што значи продажба на државниот пакет акции без почитување на посебни берзански правила, а по трет на нејзино барање е сменет датумот на одржување на собранието за акционери. Инаку, А1 веќе објави дека Владата, ставајќи го „Агроплод“ како фирма од државен интерес, го подготвува „Агроплод“ за српската фабрика „Свислајон“, која веќе ги поседува сите поголеми кондиторски фабрики во Србија, меѓу кои „Таково“.
|