„Свислајон“ сака да стане доминантен газда на „Агроплод“
03.04.2006 00:00
Се огласи раководството на „Свислајон“, пет дена откако купија 25% од акциите во „Агроплод“. Преку писмено соопштение објаснуваат кои им биле мотивите за влез во ресенската фабрика. Идејата, велат, им ја дале вработените, наводно загрижени за судбината на фабриката, бидејќи се обидувале да ја превземат некомпетентни субјекти. „Свислајон“ експресно брзо доставил и бизнис план со програма, најавува инвестиции во нова технологија и намалување на долговите. Во „Агроплод“ во моментов има две спротивставени акционерски структури - едната на „Свислајон“, другата на бизнисменот Китинов и неговите партнери. „Свислајон“ го посочува Китинов како еден од главните виновници што фирмата во последно време тонела во долгови - близу 2 милиони евра. Свислајон“ не крие дека сака да стане доминантен газда на „Агроплод“ и ги бара државните акции. Пред само 10 дена државата ја прогласи ресенската фабрика за фирма од посебен интерес, со што остави можност да ја продаде во четири очи. Токму поради ова, упатените коментираат дека високи функционери од власта „Агроплод“ го таксале за „Свислајон“, фирма во сопственост на Родољуб Драшковиќ.
|