Магистрите во Секторот за евроинтеграции без нострификација на дипломите
09.01.2006 00:00
Најмладите практикантки во Секторот за евроинтеграции имаат само по 23 години и веќе се магистри. Задолжени се за да ги усогласат македонските со европските стандарди во работата на администрацијата и човековите ресурси. Тоа што го учеле по западноевропските универзитети сега го работат во Владата. „Се работи на стратегија за реформа на јавната администрација и над неа се надградува, значи она што било направено, се прави оценување како е тоа направено, каде треба да одат новите насоки согласно советите од ЕУ“, изјави Горица Апостоловска, Сектор за евроинтеграции. На работното место стигнале со државни стипендии, сега и се оддолжуваат на државата. Иако имаат титула на магистри од светски признаени универзитети, нивните дипломи овдека сеуште чекаат за нострификација. „Магистратурата, се уште го немам започнато процесот на нострификација, иако дипломата за високо образование ми е нострифицирана и доста брзо од страна на Министерството за образование, меѓутоа имаше една специфика - што мојата диплома е за европски студии, а кај нас не постоеше во тоа време факултет што можеше да нострифицира, нострифицираше самото Министерството со еден печат“, рече Симонида Кацарска, Сектор за евроинтеграции. Од Министерството за образование велат дека законските процедури за нострификација траат три месеци. Но во реалност за проверка се чека многу повеќе. „Колку и ажурно да се направи, да се заврши прегледот во Комисијата за нострификација, сепак ние се обраќаме до институција во странство, па чекаме од таму одговор, потоа се обраќаме до високообразовна институција кај нас, од каде исто така се чека одговор“, вели Сузана Џамтовска, портпарол на Министерството за образование. „Секако, доколку сите тие ги запазат роковите, навремено ја завршат својата работа, дипломата ќе биде навремено издадена“, додаде Џамтовска. За главна причина зошто толку долго трае процесот на нострификација, надлежните го посочуваат несоодветствувањето на нашите студиски програми со странските. Болоњскиот процес го немаат сите универзитети, кај нас споро се одвива. За нострификација чекаат уште 60-тина дипломи. Засега најлесно е да се нострифицираат дипломите од Бугарија, каде за последниве три години ги има над 1.000.
|