Генерал Стојановски учествувал во нападите на Вуковар
22.11.2005 00:00
 | | Мирослав Стојановски во 1991 година | | | |
Генералот Мирослав Стојановски бил командир на антитерористичка чета во Вуковар во 1991-ва, а нешто подоцна и командант на батаљон на воената полиција во ЈНА. Учествувал во нападите на градот, дури и на болницата, но тој не ги издавал наредбите, туку командантот на корпусот. Ова за А1 го тврдат бивши офицери на ЈНА, кои сакаат да останат анонимни. Стојановски како капетан на прва класа на воената полиција во ЈНА останал на фронтот цела 91-ва. Не ги искористил тајните канали за бегство од ЈНА, како што некои офицери тоа го сторија, но дошол по повикот од Собранието за напуштање на југословенската војска до 15 мај. За заслугите во годините поминати на хрватскиот фронт од тогашниот претседател на претседателството Борислав Јовиќ добил одликување и унапреден е во мајор. Со овој чин дошол во АРМ, повторно во полициските, односно специјалните единици. За годините поминати во ЈНА нема ниту збор во неговата биографија, но стои дека неговата кариера почнала во 1982-ра како командир на вод во воена полиција, од 1989-та до 1991-ва командир на противтерористичка чета, а до 1992-ра заменик командант на батаљон во воената полиција на ЈНА. Потоа доаѓа во Македонија. За она што го правел во Вуковар реагираа хрватските медиуми и дел од политичарите, но претседателот Месиќ и министерот Рончевиќ ја смирија топката, велејќи дека тој не е обвинет за воени злосторства и нема причина Хрватска да не го прими. Стојановски и денеска не сакаше да коментира ништо во врска со неговото минато, ниту за посетата и реакциите од Хрватска.
|