Писмо на Бучковски до Вартоломеј
17.11.2005 00:00
Сесвети Патријарху на Константинопол, на новиот Рим и сета Екумена, Во Вашето последно Патриаршиско писмо, ни ја откривте Вашата реална душевна болка за нерешениот црковен проблем во Нашата земја. Ја споделуваме истата траума со Вас, и сосема јасно Ви ја разбираме тагата, што години наназад не се изнајде решение за црковното прашање. Но, не Ве разбираме и со основана загриженост Ве прашуваме, како носител на конструктивната улога во овој болен процес, ние ли сме вистинската адреса за квалификациите „статичност и ретроградност“, изговорени од Вас, првиот меѓу еднаквите православни епископи? Скепсата и стигмата кои како нота ги изразивте во Вашето писмо, специјално адресирано до мене, подеднакво збунуваат. Не е јасно и кога зборувате за директните последици врз целокупната државна база доколку Државата ги превиди канонските правила, поставени наспроти етносот или волјата на народот за црковното прашање. Во Република Македонија веќе половина век постои организирана православна Црква како возобновена Охридска Архиепископија во лицето на Македонската Православна Црква. Дозволете, Вашата загриженост за нашето севкупно државно постоење, да ја отстраниме со радосната вест по позитивното мислење од Европската комисија. Наша реалност е засиленото и динамично чекорење во евроинтеграционите процеси во семејството на европските народи. Поаѓајќи од конструктивните препораки, а врз основа на уставните принципи на одделеност на државата од религиозните заедници и групи, на мислење сме дека црквите треба да изнајдат црковно решение за црковниот проблем. Владата на Република Македонија со која што јас претседавам од релевантните светски и меѓународни институции е оценета дека генерално ги почитува човековите и религиозните права на нејзините граѓани и создава услови за нивно непречено егзистирање. Улогата на Цариградската патријаршија секогаш сум ја разбирал како непристрасна во посредувањето меѓу сестринските православни цркви. Цениме дека ретрограден процес е заземањето страна во услови на нарушени релации меѓу Македонската Православна Црква и Српската Православна Црква. Исто така, именувањето дека некој има положба на Мајка Црква не придонесува да се разрешат прашањата со поинакви историски вистини. Македонските власти и понатаму ќе се придржуваат на принципот на секуларност на државата и ќе продолжат да ја гарантираат слободата на вероисповед како што е дадена во Европската конвенција за човекови права и основни слободи. Владата истакнува дека вредностите на верската толеранција кои се длабоко вкоренети во македонското општество и понатаму ќе се заштитуваат и поттикнуваат во Република Македонија“.
|