Нереди во Струга, повредени граѓани и полицајци
23.07.2004 00:00
Состојбата во Струга изутрината е мирна, откако изминатата ноќ во протестите на Стружани по доаѓањето на министерот за одбрана Владо Бучковски и секретарот на СДСМ Никола Ќуркчиев интервенираше полицијата при што полесно беа повредени 30 лица, од кои 8 припадници на министерството за внатрешни работи. Потпретседателот на СДСМ Владо Бучковски и генералниот секретар Никола Ќурчиев синоќа околу 19 часот го посетија партиското раководство во Струга, во обид да го смират членството кое е револтирано поради владиниот предлог за територијалната организација. Тие биле забележани од Група Стружани, претежно млади луѓе, која протестирала кај с. Мислешево. Откако ги забележала за кратко време се префрлила пред седиштето на СДСМ и почнаа да фрлаат шишиња и молотови коктели врз зградата на партијата и со скандирања и свирежи се закануваа дека нема да ги пуштат првите луѓе на СДСМ да ја напуштат зградата. Состојбата до 23.00 часот беше под контрола се додека меѓу луѓето не се прошири веста дена министерот Бучковски на А1 не изјави дека тој ќе си замине откако ќе се смират лудите глави на младите Стружани. Тоа беше примено со негодување затоа што луѓето не беа само млади, ги имаше од сите генерации и тие длабоко се навредија од оваа изјава. Тогаш започна и фрлање на молотови коктели врз седиштето на СДСМ. Доаѓањето на припадници на специјалните сили на МВР, кои влегоа во зградата, ги зголеми тензиите и предизвика реакции од насобраните граѓани при што се зголеми интензитетот на фрлање на камење и молотови коктели врз седиштето. Околу 2 часот по полноќ специјалната единица на полицијата изведе акција за извлекување на министерот Бучковски и на секретарот Ќуркчиев, а полицијата во обид да ги растера демонстрантите употреби гумени куршуми, шок бомби, солзавец, палки и испука неколку рафални истрели во воздух. По извлекувањето на Бучковски и Ќуркчиев полицијата во Струга во повеќе наврати се судри со насобраниот народ. Во дивеењето во Струга ноќеска се уништени седум возила, од кои три на министерот за одбрана, три на ОВР Струга и едно на Проксима. Полицијата пред хотелот Дрим употреби солзавец во обид да ги растури насобраните граѓани. Во хотелот имаше многубројни гости како од Македонија така и од странство кои почнаа испаничено да излегуваат од хотелот бегајќи од чадот на солзавецот кој го исполни хотел Дрим. Состојбата се смири околу 4.00 часот утрината. „Како граѓанин на Струга се чувствувам навредена поради ваквиот однос на полицијата која пукаше со гумени куршуми во народот кој се собра на мирен протест да го искаже својот револт против доаѓањето на министерот Бучковски во Струга. Ние го искажавме нашиот став и рековме дека ако власта не е подготвена и нема добра волја да не ислуша нека не доаѓа. И на сета таа наша реакција која беше еден мирен протест, на кој очекувавме министерот да излезе и да даде изјава дека е дојден со добра намера и сака да го слушне нашето мислење, Бучковски даде изјава дека ние сме само толпа млади хулигани кои брзо ќе се разотидат и тој ќе си замине“ „Но неговите проценки беа погрешни тоа не беше толпа млади хулигани туку беа собрани сите граѓани на Струга, и ова е еден многу тажен настан затоа што нашата влада и полиција го тепаше својот народ. Ниту во 2001 кога имаше војна немаше вакво тепање на народот. Утре ќе одиме во Проксима и сакаме ова да се евидентира“, изјави Татјана Шиковска членка на Кризниот штаб. Министерот за одбрана Владо Бучковски синоќа обвини дека протестот е организиран и најави дека денеска ќе излезе со конкретни податоци за тоа кој го организираше протестот, но според според профилот на луѓето кој ги имаше од сите возрасти и професии тешко може да се рече дека протестот беше организиран од некого. Тој денеска ги оцени ноќешните случувања во Струга како организирано убиство во обид. „Станува збор за класично организирано убиство во обид. До пладне ќе се диференцира кој од опозицијата е одговорен, бидејќи беше очигледно дека се беше организирано“, им изјави министерот Владо Бучковски на новинарите во македонскиот Парламент. Граѓаните на Струга во изминатите десетина дена протестираат против владиниот предлог за новата територијална организација на Македонија со Струшките вечери на отпорот, а Кризниот штаб за спас на Струга најави дека од денеска протестите ќе бидат ставени во мирување, поради одржување на фестивал на албанската народна песна „Кнга јехо“.
|