Георгиевски не е повеќе почесен претседател на ДПМНЕ
28.05.2004 00:00
 | | „Жално е сознанието дека Груевски цела година посветил на подготовки за пресметка со Георгиевски, а не со Црвенковски“ | | | |
Почесниот претседател на ВМРО ДПМНЕ Љубчо Георгиевски денеска се откажа од својата почесна титула обвинувајќи го актуелниот лидер Никола Груевски дека откако е избран за претседател повеќе време потрошил на кадровските чистки во партијата, отколку на битката против нивниот вечен ривал СДСМ. „Жално е сознанието дека Никола Груевски речиси цела година посветил на подготовките за политичка пресметка со Љубчо Георгиевски, а не со Бранко Црвенковски", пишува во денешното писмено обраќање на Георгиевски во кое тој додава дека неговата одлука е конечна и неотповиклива. Повлекувањето на почесниот претседател следи два дена по седницата на централниот комитет на која Груевски ја докажа својата превласт и му зададе сериозен удар на Георгиевски и неговите следбеници. Седницата била показател, вели Георгиевски, дека во наредниот период ќе се интензивирала политичката егзекуција на нему лојалните кадри. „Искрено се надевам дека од денеска натаму, Никола Груевски ќе може спокојно да им докажува на комунистичките новинари и на одредени дипломати, дека не е никаков инструмент во рацете на Љубчо Георгиевски, туку самостоен и самомислечки политичар," вели Георгиевски. А1 дознава дека синоќа лидерот Груевски одржал средба со Георгиевски на која се обидел да го премисли почесниот претседател да не се повлекува и да и помогне на партијата во наредниот период, посебно на престојните локални избори. Очигледно средбата завршила неуспешно. Од таборот на Георгиевски велат дека неговото повлекување не значи и крај на кризата во ВМРО ДПМНЕ. Според нив, се уште е нејасно како ќе реагира членството во внатрешноста кое се уште му е лојално на поранешниот лидер. Најави за превирања на пониско ниво најавија и приврзаниците на Георгиевски во извршниот комитет кој поднесоа оставки по завчерашниот пораз. Тие по седницата рекоа дека централниот комитет не ја претставувал волјата на членството.
|