Раздорот во ВМРО ДПМНЕ се продлабочува
15.05.2004 00:00
Вчерашната седница на Централниот комитет на ВМРО ДПМНЕ, беше прекината, откако толпа од неколку стотици партиски симпатизери, противници на лидерот Груевски насилно упаднаа во салата во која заседаваше ова партиско тело. Уште пред стартот на седницата, која доцнеше речиси еден час атмосферата пред хотелот Панорама беше максимално наелектризирана. Пред влезот беа собрани неколку стотици членови и симпатизери на ВМРО ДПМНЕ, кои пристигнувањето на членовите на Извршниот комитет, кои му откажаа послушност на Груевски го проследија со скандирања на името на почесниот претседател Љубчо Георгиевски. Состојбата се вжешти по појавувањето на лидерот Груевски и потпретседателката Ганка Самиоловска-Цветанова, кои беа проследени со свирежи и барања за оставка. Во текот на седницата која се одржуваше зад затворени врати се водеше жестока расправа по дневниот ред предложен од Груевски. Тој предложи да именува шест нови членови на Извршниот комитет, да смени двајца од постоечките и да се усвои оценка за учинокот на изборите. Нервозата кај актуелните членовите на Извршниот комитет произлезе од нивното несогласување Централниот комитет да заседава пред извршниот да заземе став по настапот на Груевски. Во предлогот на Груевски да се назначат нови членови на Извршниот комитет тие гледаат негов обид за да ја преземе партијата под своја контрола. По час и половина дебата, проследена со скандирања за оставка на Груевски од масата луѓе насобрани пред вратите, дневниот ред беше усвоен без една од предложените точки. Тука работите излегоа од контрола. Мнозинството членови на Извршниот комитет револтирано ја напуштија седницата, по што насобраната толпа тргна кон просторијата каде се одржуваше состанокот. Додека обезбедувањето се обидуваше да го спречи насилното влегување, Груевски ја прекина седницата без да се усвојат било какви заклучоци и без најава кога таа би можела да продолжи. По речиси еден час, односно откако насобраната толпа се увери дека нема да продолжи состанокот атмосферата се смири, по што лидерот Груевски под силно обезбедување го напушти хотелот Панорама.
|