Груевски: На изборите се борев со Црвенковски и со Георгиевски
11.05.2004 00:00
 | | „Добив ветување од Георгиевски, дека нема да се меша во работата на новото раководство“ | | | |
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски отвори фронт против почесниот претседател Љубчо Георгиевски обвинувајќи го дека му зарил нож во грб кога за време на претседателските избори го минирал новото раководство опструирајќи ја неговата работа со повиците за апстиненција, иако Георгиевски ветил дека нема да се меша во одлуките. „На овие избори за жал, бев доведен во ситуација истовремено да се борам и против Бранко Црвенковски и против дејствувањето на Љубчо Георгиевски. Иако кога се нафатив на оваа функција се нафатив под услов, и добив ветување од Георгиевски дека нема да се меша во работата на новото раководство, независно дали некоја наша одлука ќе биде во склад со неговите размислувања и проценки. Тој го прекрши договорот. Во последните денови пред вториот круг имав чувство на човек кој се движи со нож во грб, забиен од човек кој го сметав за пријател“, изјави Никола Груевски. Груевски рече дека опструкциите на Георгиевски и нему лојалните структури не биле насочени само кон заведување на членството, туку дека постоеле индиции дека некои го спречувале и финансирањето на партијата и го користеле своето влијание некои партии да не го поддржат кандидатот на ВМРО-ДДПМНЕ. „Ова дејствување беше директно мешање во работата на раководството на партијата и најмногу му помогна и беше во функција на Бранко Црвенковски и СДСМ“, истакна Груевски. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ рече дека новото раководство нема да прифати да работи под уцени и најави дека дополнително ќе се преиспитува одговорноста на тие што и наштетиле на партијата. „Раководството на партијата дополнително ќе ја разгледа одговорноста на сите поединци кои направија штета на партијата на овие избори и нивните евентуални скриени мотиви и интереси“, додаде Груевски. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ денеска побара и оставка од претседателот на Државната изборна комисија Стево Пендаровски затоа што, според Груевски, тој го легализирал изборниот фалсификат. Истовремено, ВМРО-ДПМНЕ до комисијата поднела барање за рикаунт на изборите, однсоно експертска анализа на целокупниот изборен процес.
|