Мирослав Стојановски: „АРМ треба да биде модерна воена сила“
16.08.2003 00:00
Видео: 56K | Dual ISDN |  | | „Постои голема реалност Македонија да добие покана за членство во НАТО во 2006 година“ | | | |
„Реформираната АРМ треба да биде модерна воена сила, оспособена да го штити суверенитетот и интегритетот на Република Македонија, да учествува во мисии рамо до рамо со останатите армии на земјите членки на НАТО, како и да придонесува за регионалната стабилност и безбедност“, изјави во интервјуто за А1 заменик-началникот на Генералштабот на АРМ, генерал мајор Мирослав Стојановски. А1: Забелешката на новинарите е дека сте премлад за чинот што го имате. Мирослав Стојановски: Мислам дека една од определбите на реформите е на клучните позиции во АРМ да доаѓаат помлади луѓе. А1: Велат дека сте од новата генерација офицери и генерали кои треба да ја однесат Македонија во НАТО. Велат и дека сте биле на најжешките полигони во светот. Мирослав Стојановски: Се работи за бившите југословенски простори, кадешто следејќи го принципот на професионалност и наредбите на претпоставените, заедно со потчинетите се обидов професионално и успешно да ги извршам поставените задачи. Исто така и на полигоните во Македонија за време на кризата со тогашна СРЈ околу конфликтот со границата, како и за време на кризата со пирамидалните штедилници во Република Албанија. А1: Кои се главните реформски чекори, кои независно од политичката одлука, треба да ги преземе АРМ за да може да рече дека е подготвена за влез во НАТО? Мирослав Стојановски: Реформираната АРМ треба да биде модерна воена сила, оспособена да го штити суверенитетот и интегритетот на Република Македонија, да учествува во мисии рамо до рамо со останатите армии на земјите членки на НАТО, како и да придонесува за регионалната стабилност и безбедност. АРМ ќе ги следи стратегиските приоритети поставени од страна на политиката, кои и служат како еден водич и и` даваат основа за изготвување на сите програми и планови, со чие спроведување треба да ги реализираме реформите и да дојдеме до целта - полноправно членство на НАТО. Некои од тие приоритети се независноста, територијалниот интегритет и суверенитет на Република Македонија, подобрување на оперативноста и подготвеноста на одбраната и вооружените сили, зголемување на интероперативноста со НАТО, имплементација на долгогодишното планирање, програмирање и буџетирање со ресурсите во армијата, потоа реформите во делот на персоналниот менаџмент, како и соодветната застапеност на припадниците за заедниците во Република Македонија како припадници на АРМ. А1: Има ли доволен реформски капацитет во Генералштабот на АРМ доследно да се извршат реформите? Мирослав Стојановски: Се поставува прашањето на некаков привиден конфликт помеѓу оние кои се школувале во поранешната југословенска армија и оние кои доаѓаат како нови старешини школувани во државите на Запад. Секогаш треба да се најде спој помеѓу искуството и младоста. Во овој момент во Министерството за одбрана и АРМ постои критичната маса и потребниот капацитет овие реформи успешно да се спроведат. Треба само добра визија и мотивираност и мобилност на сите оние кои треба да бидат во функција на реформите. А1: Дали е реално Македонија да добие покана за членство во НАТО во 2006 година? Мирослав Стојановски: Постои голема реалност тоа да се оствари. Тоа зависи од реформите во делот на одбранбената и безбедносната политика и од трансферот на граничното обезбедување од Министерството за одбрана на МВР. Доколку тука направиме голем исчекор, постои таква реалност. А1: Оптимисти се и генералот Методи Стамболиски и министерот за одбрана Владо Бучковски. Генералот Стамболиски вели дека една од основните задачи кои ќе ги бара НАТО е и нашата способност да бидеме распоредливи надвор од границите на Република Македонија, а министерот Бучковски ни изјави дека тоа значи дефинитивно напуштање на концептот на народна армија и формирање професионална, ефикасна и мобилна армија. Бучковски говори и за формирање на бригада за специјални операции. Мирослав Стојановски: Денеска во светот се преземаат неконвенционални дејства кои пред се ги преземаат мали, добро обучени, професионални сили, кои со многу помалуброен состав можат да постигнат големи ефекти. Се напушта концептот на стоечки пасивни армии, а се оди на формирање мали, мобилни, ефикасни, добро обучени и опремени состави. А1: Тоа беше и проблемот со Армијата во 2001 година? Мирослав Стојановски: Доколку имавме повеќе такви состави полесно ќе се справевме со предизивците. А1: Ако се повтори сега 2001, како ќе реагира АРМ? Мирослав Стојановски: Ќе бидеме подготвени. И денеска ги преземаме сите мерки за заштита на животите и здравјето на луѓето кои се ангажирани во кризните подрачја. Од друга страна, ќе бидеме побогати за едно искуство кое многу ќе значи во преземањето активности во иднина, доколку се случи таква ситуација. А1: До каде е реализацијата на обврските од Рамковниот договор? Мирослав Стојановски: Министерството за одбрана дава голем придонес во реализацијата на Рамковниот договор. Многу е поголем процентот на припадниците на етничките заедници отколку во претходниот регион. Меѓутоа во составот на многуте еднакви треба да ги почитуваме принципите, критериумите и стандардите и од нив да се изберат најдобрите. А1: Како ја оценувате актуелната безбедносна состојба во земјава и регионот, посебно обидите на некои српски политичари преку изјави да се вовлече Македонија во случувањата во јужна Србија и Косово? Има ли некакви ризици? Мирослав Стојановски: Јас тоа не би го коментирал, бидејќи тоа го коментираат претставниците на власта. Безбедносно-политичката состојба има прогрес во позитивна насока. Точно е дека се присутни криминогени групи кои можеби за крајна цел имаат и дестабилизација на безбедносната состојба, меѓутоа во овој момент не постои таква опасност. А1: АРМ е дел од меѓународната мисија во Авганистан. Меѓутоа, поинтересна е мисијата во Ирак, каде нашите војници се на многу жешки точки. Мирослав Стојановски: Покрај двата основни принципи врз кои почива НАТО - консензусот и солидарноста, постои и принципот партнерите да го делат товарот. Многу луѓе мислат дека доколку влеземе во НАТО ќе имаме многу бенефиции, но од друга страна и многу големи обврски. За првпат имаме состав на АРМ надвор од територијата на Република Македонија и даваме придонес во борбата против глобалниот тероризам. Со таа пракса почнавме минатата година со упатување офицери за врски во Авганистан во мисијата ИСАФ. Меѓутоа она што се случува во Ирак е многу посериозно и во однос на ризикот и во однос на сложеноста на операциите кои се превземаат. А1: Како се снаоѓаат македонските војници во Ирак? Мирослав Стојановски: Јас лично сум горд на нашите припадници кои се наоѓаат во Ирак од сите резултати и успеси кои до сега ги имаат постигнато, не само во делот на специјалните операции, туку и во давањето помош на припадниците на другите армии. А1: Каде се наоѓаат во Ирак? Мирослав Стојановски: Тие се во една поранешна резиденција на Садам Хусеин, сместени со нашите пријатели од армијата на САД, 15 до 20 километри северно од Багдад, и исклучиво се ангажирани во изведување специјални операции.
|