Хронологија на воените операции во Ирак
25.03.2003 00:00
Хронологија на воените операции во Ирак. 20 март: - Рокот што американскиот претседател Џорџ Буш му го постави на ирачкиот претседател Садам Хусеин да го напушти Ирак истекува без никаква реакција од Багдад. - САД ја започнаа војната против Ирак со ограничени воздушни напади врз Багдад, додека Буш и вети на нацијата „обемна и организирана кампања“ за разоружување на Багдад. - Светските лидери ја осудија војната како нелегитимна, додека илјадници луѓе ширум светот протестираа против воената операција. 21 март: - Осум британски и четворица американски војници се првите жртви на коалицијата. Војниците загинаа кога еден хеликоптер се урна во Кувајт. - САД го започна еден од најголемите воздушни напади врз Ирак, при што истрелаа 1.000 крстосувачки проектили и исто толку други видови ракети врз стотици цели во Багдад и други градови. 22 март: - Трупите на САД се соочија со жесток отпор во градот Ум Каср и Насирија. - Австралиски камерман е убиен во самоубиствен бомбашки напад во северен Ирак, како одмазда на американските воздушни напади. - Британски ТВ репортер е убиен во престрелка во јужен Ирак. Неговите двајца колеги се исчезнати. 23 март: - Ирачката телевизија емитуваше фотографии на, како што беше соопштено, двајца мртви и петмина заробени американски војници. - Американски авиони го нападнаа Багдад, северниот град Мосул и позиции на Курдска исламска група, за која се смета дека има врски со Ал Каеда. - Официјални претставници на САД изјавија дека американски проектил од типот Патриот урнал британски авион Торнадо во Ирак. Британците велат дека двочлениот екипаж е изчезнат. - Ирачките сили започнаа противнапад во клучното пристаниште на југот на Ирак - Ум Каср. Министерот за информации Мохамед Саид ал-Сахаф изјави дека во американските напади со касетни бомби врз Басра биле убиени 77 и ранети 366 Ирачани. - Американски војник е уапсен по нападот со граната во северен Кувајт, во кој еден американски војник е убиен а 12 биле повредени. 24 март: - Ирачкиот вицепремиер Тарик Азис изјави дека ирачкото раководство е во одлична форма на чело со претседателот Садам Хусеин, кој има целосна контрола врз ситуацијата. - Ирачката телевизија соопшти дека шест членови на владејачката ирачка партија БААС биле убиени во борбите со американските и британските сили близу Насирија. - Ирак тврди дека соборил два американски хеликоптери Апачи. Државната телевизија прикажа двајца луѓе кои изјавија дека се американски пилоти. - Претседателот на САД Џорџ Буш му приговори на шефот на руската држава Владимир Путин заради наводните тврдења дека руски фирми му продавале воена опрема на Ирак. - Садам Хусеин се заложи за долга и жестока војна против американските и британските сили во неговиот втор „победнички“ говор до нацијата. Британскиот министер за одбрана изјави дека говорот бил претходно снимен. - Ирачкиот министер за информации Мохамед Саид ал-Шахаф изјави дека Ирак заробил повеќе од пет американски и британски војници од оние кои беа прикажани на државната телевизија. Тој додаде дека стотици луѓе загинале во воздушните напади врз Ирак. - Петмина Сиријци се убиени а десет ранети кога еден американски проектил погодил автобус во Рутба, западен Ирак. - Според курдски извори градот Киркук, центар на нафтеното производство во северниот дел на Ирак, бил бомбардиран цели 24 часа. - Американски воен преставник во Вашингтон изјави дека Пентагон ќе бара дозвола од Конгресот за дополнителни 62,6 милијарди долари за покривање на трошоците за „кусата, интензивна војна против Ирак“. 25 март: - Сојузничките сили напредуваат кон Багдад. Тие исто така соопштија дека ја презеле контролата врз стратешкото пристаниште на јужниот дел од Ирак - Ум Каср. - Напредувањето на стотици американски тенкови и амфибиски борбени возила е забавено поради песочна бура. - Додека Багдад е изложен на бомбашки напади пристигнуваат извештаи дека коалициските трупи се на 100 километри од главниот град. - Нови воздушни напади врз нафтениот центар Киркук во северен Ирак. - Ирачката милиција убила еден британски и еден американски војник, соборила три хеликоптери и уништила над 30 воени возила на јужниот и јигозападниот дел од Насирија, соопшти ирачкиот министер за информации Мохамед Саи ал-Шахаф. - Ал -Шахаф изјави дека во текот на изминатата ноќ биле убиени шест, а ранети 95 цивили во сојузничкиот воздушен напад врз Багдад и други ирачки градови. - „Вашингтон Пост“ тврди дека ирачкиот претседател Садам Хусеин ги сменил воените команданти во некои области со лојални водачи на елитната Републиканска гарда.
|