Заврши натпреварувачкиот дел на фестивалот на Античка драма - Стоби
31.07.2010 17:47
Со претставата „Цар Едип - празникот на ослепувањето“ синоќа во Стоби заврши натпреварувачкиот дел од фестивалот на античка драма. Пред публиката се претставија трите бугарски куклени театри од Пловдив, Бургас и Стара Загора. Со многу енергија на сцена, актерите на модерен начин ја донесоа софоклевата приказна за царот Едип, кој казнувајќи се себе си со ослепување, ја направил очигледна безначноста на животот. Иако е поставена пред една година, оваа претстава актерите прв пат ја играат на отворено. „Имате прекрасен фестивал за античка драма и многу сум почестен што дојдов тука на ова неверојатно, прекрасно историско место. Имав можност да го претставам нашиот Едип на нашите три бугарски театри“, рече Румен Караманов - актер. „Беше невообичаено, беше неверојатно, нешто ново со кое човек не се сретнува секој ден. Им посакувам на сите колеги актери да го доживеат“, изјави Татјана Андреева - актерка. Претставата е копродукција на трите најголеми бугарски куклени театри. Значаен дел од неа синоќа беа игрите со кукли, кои беа атрактивни за публиката. „Тоа е новитет за Бугарија да се соберат три театри од различни градови и да направат еден таков голем проект кој бара многу прецизност во организацијата на трите театри. Тоа се во принцип трите најдобри театри, но мислам дека ова излезе добро и има иднина во такви проекти“, вели Живко Ѓуранов - актер. Деветтото издание на фестивалот на античка драма Стоби завршува вечерва кога ќе бидат доделени наградите, а во таа чест прилепскиот театар ќе ја одигра претставата „Крпен живот“.
|