Отфрлена интерпелацијата за министерката Јанкуловска
31.07.2010 14:44
 | | Гордана Јанкуловска | | | |
Со 14 гласа „за“ и 69 „против“ Собранието во петокот околу полноќ по жестоката расправа ја отфрли интерпелација за работата на министерот за внатрешни работи Гордана Јанкуловска поднесена од СДСМ и НСДП. За владејачкото мнозинство интерпелацијата била неоснована и непотребна, бидејќи до сега како што рекоа немало подобар министер за внатрешни работи од Јанкуловска, а за опозицијата пак министерката не била „дорасната“ за функцијата која ја врши. Напната атмосфера и многу меѓусебни навреди ја одбележаа парламентарна седница за интерпелацијата на министерот за внатрешни работи Јанкуловска. Клучното прашање според пратениците на СДСМ беше кој ги повикал и кои се, според нив, вооружените лица во цивилна облека кои биле во Собранието дента кога се расправаше по законот за стечајците. Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ пак изразија очекување дека пратениците кои што беа дел од инцидентот ќе му се извинат на полицискиот службеник кој беше физички нападнат. Се дотогаш, велеа, „ќе останете марионети во рацете на човекот кој прави со вас куклен театар“. Според Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ интерпелацијата била само алиби. „Ја поднесовте неколку дена по нападот кој го извршивте врз службено лице на МВР. Дали сметате дека вашата партија треба да продолжи на истиот насилнички начин да се бори за демократијата во МВР. Дали ќе продолжите да ја силувате демократијата. СДСМ сака да се заштити себе си од сите минати и сегашни дејанија. Колку и да давате отпор законот ќе мора да продолжи да се спроведува“, рече Димовски. Пратеникот Јани Макрадули образложувајќи ја интерпелацијата за министерот за внатрешни работи Гордана Јанкуловска, во петок рече дека таа ќе биде запаметена по периодот во кој во „Македонија се инсталирала полициска држава“. Повод за поднесената интерпелација од страна на опозициските СДСМ и НСДП е инцидентот што се случи во Собранието на 1 јули.  | | Јани Макрадули | | | |
„Вие ни пресудивте уште пред 1.јули, белешките беа напишани уште пред да почне расправата, а за што? За да го сокријат срамот од лажните ветувања пратениците од ВМРО -ДПМНЕ го викнаа партискиот дел од МВР да ги брани од сопствениот народ. Упадот на полиција во нормална демократија значи оставка за една Влада“, рече Макрадули. Според него, МВР е главен трошок на Буџетот, а се занимава со газење на стечајци, со сатанизација на роднини на пратеници од СДСМ, со рекетирање на успешни бизнис компании, а Јанкуловска е присутна буквално секаде. „Министерке, вас ве има како мирудија во секоја недемократска манџа во која се кршат основните човекови права и слободи веќе четири години во Република Македонија“, рече Макрадули, обраќајќи и се на министерката Јанкулоска. Министерката Јанкулоска им се заблагодари на потписниците на интерпелацијата за, како што рече, можноста да се расветли инцидентот. „Доволно е да се погледнат снимките и фотографиите. На нив јасно е видливо колку тајниот снимател е прикриен. Впрочем „тајниот“ снимател е истиот оној човек кој надворешно физички го обезбедуваше домот на поранешниот премиер Бучковски. - На фотографиите јасно е видлива издржаноста на манипулациите кои имаше обид да бидат протнати во јавноста дека „дел од пратеничката група на СДСМ била нападната“ или дека на пратениците им било ограничувано движењето. Единствено што мене не ми е јасно, тоа е чувството на пратениците чии раце може да ги видиме на фотографијата како туркаат и влечат“, рече министерката Јанкулоска образложувајќи го одговорот на интерпелацијата. Таа ги праша пратениците од опозицијата дали имаат совест и намера да испратат извинување до, како што рече, човекот што беше понижен. „Волјата да се прифати одговорноста е извор на себепочитувањето. Доколку постоеше барем малку воља, тогаш полициските службеници немаше да се прогласуваат за силеџии, вандали или дури и жртви на мобинг кои биле принудени на нешто. - Доколку постоеше малку воља ќе запреа манипулациите во јавноста и ќе беше почитувана реакцијата на полицискиот синдикат кој најостро го осуди нападот врз полицискиот службеник и инсистираше одговорните да понесат соодветни санкции, бидејќи според синдикатот, како што полициската значка не смее да биде заштита од одговорност, исто така и пратеничкиот имунитет не може и не смее да биде дозвола и амнестија за какво било вандалско однесување“, рече Јанкулоска. Повод за поднесената интерпелација од страна на опозициските СДСМ и НСДП е инцидентот што се случи во Собранието на 1 јули. Петочната дебата беше последната собраниска дебата пред годишните одмори. Собранието продолжува со работа крајот на идниот месец. Copyright 2010 makfax Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со makfax.
| 1. | K на 31.07.2010 во 16:28 напиша: |
| Дефокусирање на јавноста |
| |
| 2. | Gorila од Skopje на 31.07.2010 во 14:59 напиша: |
| Se digna fama za ovaa nebitna rabota... covek ke pomisli deka stanuva zbor za ubistvo od najtezok oblik, a ne za obicno nedorazbiranje... strasno kako moze da se prenasocuva vnimanieto na jasvnosta so nesto ama ic nebitno vo ovoj moment isto taka ne mi e jasna i opozicijata zosto pocna da nasednuvaat na ovaa provokacija od najdolen mozen vid koja VMRO DPMNE dosta vesto ja zgotvi. Opozicijo ocekuvajte vakvii provokacii, a mozebi i po mornicavi vo idnina no ve molam ne nasednuvajte zosto i vie na narodov ke mu dojdete preku glava ako vaka prodolzite... |
| |
|