Бродарите бараат итно поставување на нов раководител
30.07.2010 16:08
Охридските бродари, чии бродови две недели се вкотвени во пристаништето со забрана за пловидба сред летната сезона, од што банкротира бродскиот бизнис, а огромни штети трпат туризмот, градот и гостите, бараат итна смена на капетанот на Охридската капетанија Љупчо Настоски, за да мрднат работите од мртва точка. Кога веќе се тргна работите да се уредуваат по европски терк во Охридското езеро и кога беше прифатена „Биро Веритас“ како надлежна куќа за технички преглед на бродовите, министерството за транспорт мораше да размисли пред тоа Капетанијата да ја организира по европски терк, односно луѓето кои таму работат да бидат стручно оспособени и да се луѓе со соодветни звања кои поминале во вода различни прилики и неприлики. „Бидејќи не е така, ние бараме од надлежното министерство смена на раководителот на Охридската капетанија, затоа што сметаме дека тој е еден од виновниците зошто е оваа новонастаната ситуација ваква каква што е. Децидни сме, треба да се направи смена на Настоски за да не западнеме во следен проблем“, вели Горан Устијаноски, претседател на Здружението на охридските бродари и заповедник на бродот „Галеб“. Наместо да пловат низ езерото за продолжениот празничен Илинденски викенд, охридските бродови утре во 11 часот ќе протестираат вкотвени пред Охридската капетанија во знак на револт што сите се глуви на нивниот проблем, за кој наскоро не гледаат решение. „Ги повикуваме пратениците од Охрид во парламентот и градоначалникот на Охрид да дојдат и да ги слушнат нашите проблеми. Се надевам дека тоа ќе го сторат и дека ќе имаат храброст и доблест да се соочат со нас, бидејќи ние бевме доволно храбри во некои многу понепријатни ситуации“, рече Зоран Гилевски, сопственик на бродот „Александрија. Бродарите се лути што немаат избор и што мора да се прегледуваат и регистрираат по превисоки цени, што за нив е неприфатливо. „Владата нас не принудува да го земеме наметнатото решение за „Биро Веритас“, со што се уриваат сите принципи на пазарната економија и антимонополизмот, зошто немаме друга можност и понуда. -Нашето чаре за нив не било доволно добро. По тој терк, прашувам зошто владата не купи автобуси од Франција марка „Рено“ или од Германија „Мерцедес“, туку набавуваат кинески автобуси. Мислам дека тука има друга логика и некоја игра“ реагира Васко Јанески, заповедник на бродот „Кристина“. Охридските бродари најавуваат дека ќе протестираат и ќе бараат смена на капетанот на Охридската капетанија се додека не се реши проблемот со забраната за пловидба, од кој само досега се оштетени со 22 илјади евра и шест илјади изгубени патници, кои сега се принудени да се возат со кајчиња, чија безбедност е дискутабилна.
|