Иванов ги прими акредитивите од бугарскиот амбасадор во Македонија
30.07.2010 15:58
Три месеци по објавувањето дека Бугарија и предложила потпишување на договор за добрососедство на Македонија, официјална Софија, испрати нов амбасадор во земјава кој треба да работи на што побрзо склучување на овој договор. Раковски Симеонов Лашев не пропушти тоа да го нагласи и при предавањето на акредитивите на претседателот Ѓорге Иванов. „Верувам дека потпишувањето на договорот за пријателство ќе биде израз на споделените со нас европски вредности“, изјави Раковски Симеонов Лашев, бугарски амбасадор. Бугарија како земја која прва ја призна независноста на Македонија, и натаму ќе се залага за приемот на Македонија во НАТО и ЕУ, рече новиот бугарски амбасадор. „Нашите две земји, како добри соседи споделуваат исти заложби за мир, слобода, демократија и просперитет во регионот и пошироко. Сметаме дека постојат сите предуслови во периодот што претстои да продолжиме да го унапредуваме и продлабочуваме“, вели Ѓорге Иванов, претседател на Република Македонија. Поврзувањето на Скопје и Софија со Коридорот 8, економската, културната и научната соработка, ќе бидат останатите приоритети на новиот бугарски амбасадор. Ниту амбасадорот Лашев ниту претседателот Иванов не ги спомнаа отворените прашања во односите меѓу Македонија и Бугарија, како што се правата на македонското малцинство во Бугарија, случајот Спаска Митрова и различното толкување на историјата.
|