Поголемиот број европски банки се стабилни
24.07.2010 16:09
Само седум од 91 европска банка не успеаја да го минат стрес-тестот со кој беше мерена нивната отпорност на економска криза. Европскиот регулатор соопшти дека во тие седум банки капиталот би паднал под нивото кое се смета за адекватно во случај на т.н. „државен шок“, односно неспособност на државата или владата да ги плати државните обврзници во кои тие банки инвестирале. Од ЦЕБС соопштија дека тие банки ќе треба да го зголемат капиталот за 3,5 милијарди евра за да ја подобрат својата финансиска позиција. Иако формално, имињата на банките не се наведени, државите опфатени со тестот соопштија дека станува збор за една германска банка- „Хипо риал естејт“; пет шпански штедилници- Диада, Кахасур, Еспига, УНИМ и Банка свика, како и грчката земјоделска банка АТЕ. Аналитичарите велат дека стрес тестот е покажа дека Европскиот финансиски сектор е стабилен, иако признаваат дека тестот сепак и не бил многу ригорозен. „Сметаме дека Европа ќе избегне повторување на кризата и веројатно годинава ќе има раст од околу 1 процент, а наредната 2011 речиси два проценти. Сметаме така бидејќи слабоста на Еврото ќе го поттикне извозот во поголемите, посилни северни земји како Франција, Германија, Швајцарија и Велика Британија, кои се главниот центар на економската активност на регионот. Помалите јужни земји и не учествуваат многу од гледна точка на Бруто домашниот производ“, изјави Алек Јанг, аналитичар на Стандард енд Пурс. Тестираните банки покриваат околу 50 проценти од пазарот на капиталот во Европа. Меѓународниот монетарен фонд и САД ги поздравија резултатите од тестот, оценувајќи дека тие ќе помогнат да се стабилизира пазарот. Останува да се види како берзите ќе реагираат на тестот? Постојат стравувања дека доколку тестот биде оценет како недоволно ригорозен од експертите, може да доведе до натамошни турбуленции на европските финансиски пазари.
|