Нов одрон го блокира патот Струмица-Берово
12.03.2010 12:26
Огромен одрон од карпи го блокираше патот Берово - Струмица. Планината попуштила ноќеска, помеѓу два и три часот по полноќ. Вистинска среќа е што во тоа време, по патот не поминал ниту еден автомобил оти можел да заврши под карпите. „Имаме проблеми, според моја лична проценка се одрониле околу 600-700 метри кубни“, вели Кире Коцев, технички раководител на „Македонија пат“-Штип. Автомобилите беа пренасочувани по помошен пат, а некои од патниците минува и пеш. „Вакви одрони не сум видел по овој пат, овој навистина изгледа страшно“. „Бидејќи минува постојано низ планини опасен е за возење овој пат“, велат граѓаните од овој регион. Од „Македонија Пат“ од утринава интензивно работат на расчистување на теренот. Се очекува патот целосно да биде прооден најдоцна до утре. Овој дел од патот останува критичен поради тоа што често токму на ова место се случуваат одрони. „Опасност секогаш постои, но затоа сме ние тука и да ги чистиме одроните“, вели Коцев. Сепак останува предупредувањето од „Македонија пат“ внимателно да се вози по оваа делница, со оглед на огромните камења кои се надвиснуваат над патот и претставуваат сериозна закана за безбедноста. Сообраќајот на патот Берово-Струмица се одвива по една коловозна лента Сообраќајот на патниот правец Берово-Струмица се одвива по една коловозна лента. Екипите на Македонија Пат се уште се на терен и работат на расчистување на остатоците од камења. Ќе останат до крајот на денот, а остатокот ќе го исчистат во текот на утрешниот ден.
|