„Државата сака да ни го растури семејството“
09.03.2010 18:58
Државата сака да не направи дека сме луди, да ни ги одземе другите две деца и случајот со Ангела да го затвори како несреќа. Со овие обвинувања излегоа родителите на Ангела, кои велат дека неколку денови постојано ги носеле во психијатриската болница во Демир Хисар и Битола за да ја утврдат нивната психичка состојба. „Некој сака со сила да ме стави во лудница за на крај да ми ги земат децата, ако сум неспособна нека го докажат тоа истражните органи“, вели Анастасија Ѓорѓиоска, мајка на Ангела. „Ја прават мојата жена дека е будала и болна за да можат на крај да ми ги земат децата, тоа е целата работа. Еве ми подметнаа други коски, од друго дете и тврдат дека тие се на Ангела, ова го прави државата бидејќи е неспособна да го реши случајот“, истакна Борка Ѓорѓиоски, татко на Ангела. Цела недела живееле во страв од одземање на децата, но таткото вели - ќе ми ги одземат само преку мене мртов. Остануваат на ставот дека пронајдените коски не се на Ангела и дека таа е киднапирана и покрај тврдењето на МВР дека за тоа нема докази. „Ако сакаат нешто да скријат, нека скријат, нека им служи и на совеста и на честа, но нема да дозволам мене некој при здрав памет да ме прави будала, нека се прегледаат тие претходно колку се способни“, револтирано кажува мајката на Ангела. „Нека ми дадат тие нивно дете 6 годишно и со мене да дојде таму на врвот на планината во месец јули, нема да му давам ниту храна, ниту вода и да видам дали ќе се искачи таму“, рече таткото на Ангела. Од Јавното Обвинителство во Прилеп велат дека дури утринава го добиле извештајот со вештачењата од истражниот судија. Оваа недела ќе го проучувале и во понеделник ќе соопштат кои мерки ги преземат. Сепак остануваат многу прашања, како 6 годишно дете можело да се искачи само на планината, зошто коските се пронајдени дури после 6 месеци, иако на тоа место постојано поминувале овчари и зошто трагите на Ангела се губат кај црквата.
|