Записничарките од Основен 2 се жалат на малите плати
09.03.2010 15:47
Очајни записничарки од Основниот суд Скопје 2 се жалат на малите плати и непријавувањето во редовен работен однос. Преку анонимно писмо се жалат дека секој месец потпишувале договори за работа, иако имале долг стаж во судот работат за 8.200 денари плата, а нивните колешки од Кривичниот суд земале двојно повеќе. Судот наскоро ќе го решел прашањето за вработување преку агенција за посредување, сепак записничарките негодуваат бидејќи им кажале дека платата ќе им остане иста. „Ние размислуваме како да го решаваме овој проблем во моментот и тоа ке биде преку агенција за посредување при вработување, секако на определено време, бидејќи немаме средства за неопределено и тоа ќе биде пак со договор, меѓутоа сега ќе им се плаќаат придонесите на луѓето“, рече Антоанета Димовска, портпарол на Основен суд Скопје 2. Парите за плаќање на записничарките ги дава судскиот буџетски совет, а судот ги распределува. Во судот едноставно објаснуваат дека толкави им се можностите за плаќање на записничарките. Истиот одговор и во судскиот совет. 
Неодамна контрола извршила и трудовата инспекција, но според претседателот на судот Бекир Шаини инспекторите не забележале незаконско работење. Во синдикатот на УПОС не знаат за незадоволството на записничарките кои не се обратиле до нив. Наводно записничарите размислуваат за протест во судот иако се исплашени да не бидат избркани од работа.
|