Расте бројот на банкротирани фирми во Германија
09.03.2010 12:55
Во Германија изминатата година 32.687 претпријатија прогласиле банкрот, што е за 11,6 отсто повеќе отколку во 2008 година, соопшти денеска Сојузниот завод за статистика во Визбаден. Минатата година бројот на претпријатија кои повеќе не се способни за плаќање се зголеми за првпат по седум години, откако во 2003 година банкротираа рекордни 39.320 фирми. Меѓу фирмите кои во 2009 година прогласија стечај се најдоа и големи претпријатија со долга традиција, како производителот на порцелан Розентак, стоковната куќа Квеле, производителот на модели на железници Мерклин, производителот на машини за шиење Пфаф и модната куќа Ескада. Минатата година бројот на домаќинства кои не можат да ги исполнат своите финансиски обврски порасна за три отсто, а значително е зголемен и бројот на банкротирани лица помеѓу вработените со слободни професии. Според наводите на надлежните власти, побарувањата на доверителите на крајот на минатата година достигнале дури 85 милијарди евра, што претставува најголема должничка сума во историјата на Германија. Copyright 2010 makfax. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со makfax.
|