Погодените од земјотресот во валандовско сеуште чекаат обесштететување
09.03.2010 12:46
Жителите од Валандовско-Дојранскиот регион кои претрпеа штети од серијата земјотреси во мај лани ќе добијат отштета. Вака одговорија од Владата на прашањето на А1, зошто жителите и по десет месеци не се обесштетени. Проблемот го посочија во документацијата која била доставена до владината комисија, имала пропусти и била вратена на доработка, штом ќе била корегирана, отштетата ќе се исплатела. Жителите на најпогоденото село, Башибос, се пожалија дека без отштета не можат да си ги поправат распуканите куќи. „Во Башибос досега нема ниту денар исплатено,во што е проблемот, не знаеме. Во селото има педесет куќи, деведесет и пет насто од нив имаат штети претрпено“, велат жителите на Башибос. Досега обесштетени се само жителите на Струмица и Богданци. Серијата земјотреси во Валандовско-Дојранскиот регион предизвика штети кај 600 куќи во вкупна вредност од 150 илјади евра.
|