И по поправките „Тојотите“ дефектни
09.03.2010 12:23
И по сите повлекувања и поправки, „Тојотите“ остануваат фактор на ризик на патиштата во светот. Проблематичните педали за гас и натаму непредвидено забрзуваат. Возач на „Приус“ доживеа драма на автопатот Сан Диего во Калифорнија. Само две недели пред тоа Тојота го отповикала неговото возило на поправка кај локалниот дилер. Дефектен се покажал и новиот педал за гас. „Приусот“ во обид да претекне друго возило почнал неконтролирано да јури по патот. Морала да интервенира и полицијата. „Притискаше на сопирачката, но одвај малку забави, кога видов дека повторно ќе забрза. Возеше со 145 километри на час“, рече Тод Нејберт од полициската патрола. Морало итно да се бара друго решение - според филмско сценарио „Притискав на сопирачката и ја кренав рачната сопирачка. Забавив на 90 километри на час и тогаш удрив во задниот дел од полицисково возило“, раскажа Џејмс Сајкс, сопственик на „Приус“. Полицаецот со своето возило го амортизирал ударот на „Приусот“ и морал да ја притисне до крај својата сопирачка и да успорува за двете возила. Возачот имал среќа што полицаецот реагирал брзо и соодветно, но тоа не беше случајот со други 34 „Тојоти“ чиишто возачи загинаа поради нагло забрзување.
|