„ЕУ интеграциите на Балканот важни за стабилноста во регионот“
09.03.2010 18:06
 | | Барак Обама | | | |
Средбата со американскиот претседател Барак Обама е последна и клучна во обидот на грчкиот премиер Јоргос Папандреу да ја обезбеди неопходната поддршка за планот за решавање на крајно тешката економска криза. По силната пред се политичка поддршка од Париз и Берлин, Папандреу веќе доби поддршка и од Вашингтон, за главниот проблем, толку потребните нови кредити да ги добие со нормални камати. Според последните најави американскиот претседателот ќе се воздржи од директно мешање во проблемот на грчката финансиска криза и тоа ќе им го остави на решавање на европските партнери. За тоа Обама, по телефон разговарал со германскиот канцелар Ангела Меркел и британскиот премиер Гордон Браун. Проценките се дека европските мерки се доволни, поради што Обама велат експертите, нема да го искористи своето влијание во меѓународниот монетарен фонд. Всушност, директното американското мешање сега може да резултира со слабеење на еврото во однос доларот, нешто што не и одговара на извозно ориентираната американска индустрија. На поширок план, велат аналитичарите американската национална безбедност би била загрозена доколку грчката криза се повтори на пример во Шпанија или Португалија. За Вашингтон е важна безбедноста во регионот, спорот за името со Македонија, грчко-турските односи и кипарскиот проблем затоа се на агендата на разговорите Обама-Папандреу. Официјална Атина соопшти дека Папандреу ќе ги презентира јасните национални позиции по овие прашања. Притисокот на меѓународната заедница за решавање на спорот за името е очигледен, а прашањето е дали притисокот ќе може да вроди со плод во наредните неколку месеци, од што ќе зависи брзината со која Македонија ќе се движи кон членството во Европската Унија.
|