Блокадите на границата кон Грција ќе ја дотолчат текстилната индустрија
03.02.2010 16:29
Честите блокади на границата кон Грција ќе ја дотолчат текстилната индустрија, сметаат сопствениците на текстилни фабрики од источниот дел од државата. Најавениот штрајк на грчките цариници, што подразбира целосна блокада на сите гранични премини кон Грција, ќе значи доцнење на испораката на готови производи и набавка на репроматеријали. „Ќе се доцни со фактурирањето на изработена работа, ќе се доцни со плаќањето, а тоа значи дека ќе се пролонгира и давањето на плати кај нашите работници“, вели Горан Даскалов, член на Управниот одбор на Кластерот за текстил. Од грчките блокади најпогодени се 80 % од економијата од јужниот дел на Македонија, но со постојани загуби од прекината комуникација се соочува и 30 % од штипското стопанство. „Сигурно некаде со 10 до 15 % од дневното производство сега ќе биде намалено затоа што ние два дена ќе останеме без репроматеријали неопходни за производство, вели Владимир Ефтимов, сопственик на фабрика за производство на салати. Бизнисмените бараат помош и поддршка од Европската унија, да се најде решение и овие чести блокади на границата кон Грција, што им носат загуби, да престанат.
|