Владата се задолжи со нови за да враќа стари долгови
02.02.2010 17:08
Владата од банките и фирмите денеска извлече нови 24 милиони евра. Ова задолжување е епилог од денешната аукција на шест месечни записи со камата од 5%. Побарувачката беше поголема од понудата. Дали со денешното задолжување Владата ќе враќа стари долгови? Утре Државата треба да врати исто така 24 милиони евра по основ на доспеани шест месечни записи. Според експертите оваа состојба покажува дека во буџетот нема пари за сервисирање на старите доспеани долгови. Во државната каса се обезбедуваат приходи само за да се финансираат тековните трошења, но не и да се враќаат долговите, коментираат економистите. Вкупниот долг на државата лани достигна ниво од 1 597 000 000 евра, или 24,7% од бруто домашниот производ. Според Владата сеуште има простор за натамошно задолжување. За експертите останува клучно прашањето каде се трошат парите за тековни потреби или за инвестиции. Владата за годинава најави намалување на вкупната задолженост, но остави простор за издавање на уште една евро обврзница. Државата повторно на домашен терен ќе се задолжува во март за кога се најавени аукции на шест месечни и дванаесет месечни записи.
|