Криза во автомобилската индустрија
02.02.2010 11:15
Продолжува кризата во автомобилската индустрија. Откако „Тојота“ се повлече од светскиот пазар повеќе од четири милиони возила и „Пежо“ и „Цитроен“ повлекуваат околу 100.000. Повлекувањето на возилата се должи на проблеми со заглавување на педалата за гас. Неисправните автомобили на „Пежо“ и „Цитроен“ се произведени во фабриката во Чешка, која беше дадена на користење на јапонскиот гигант Тојота. Заедничката фабрика се покажа кобна за француската компанија која ќе повлече од продажба околу 100.000 автомобили, „Пежо 107“ и „Цитроен 1“, што изнесува околу 10 отсто од вкупниот број на овие модели наменети за европскиот пазар. Во меѓувреме американскиот автомобилски гигант „Џенерал моторс“ планира да отпушти уште 2.000 работници од неговата германска подружница „Опел“, но не планира да ги намалува трошоците за менаџментот, соопшти претставник на европските синдикати, по состанокот со извршниот директор на „Опел“, Ник О’Рајли. Синоќешната средба беше прва по минатомесечната најава на „Џенерал моторс“ дека планира затворање на погонот на „Опел“ во Антверпен, што синдикатите го оценија како „објавување на војна“.
|