Богданци нема да има проблем со водата за пиење
17.06.2009 13:38
Жителите на Богданци повеќе нема да имаат проблеми со водата за пиење. Низ новиот цевковод од системот „Ѓавато“ ќе тече доволно вода за задоволување на сите потреби. Почнал да се гради пред 10 години, а долг е 3,5 километри. „За нас како општина е многу важен бидејќи според стручњаците штедиме околу 40 проценти од енергијата што за нас е многу битно“ рече Ристо Ичков градоначалник на Богданци. Но проблеми со водата имаат жителите на селото Ѓавато кое се наоѓа во непосредна близина на пумпите со вода. 40 насто од домаќинствата во горниот дел од селото со денови останувале без вода. „Проблем е што многу е застарена линијата тие се канцерогени цевки, често пати пукаат и по неколку денови цело село останува без вода“, рече Методи Фуркалиев жител на Ѓавато. „Вода имаме и за Дојран и за Богданци, само за нашето село немаме а овде кај нас е водата“ рече Митко Узунов жител на Ѓавато. Покрај старите водоводни цевки селото нема и канализација. И по 12 години откако почнало да се гради таа се уште не е завршена.
|