Македонија трет ден без природен гас
08.01.2009 12:13
 | | Околу 30 компании во Македонија засегнати од прекинатата достава на гас | | | |
Испораката на гас за Македонија и денеска е во прекин, поради спорот меѓу Москва и Киев за цената на енергентот. Проблемот почна завчера утрото кога руската државна компанија „Гаспром" во целост ја прекина доставата и за Бугарија, Грција, Турција, Романија, Хрватска, а значително е намалена за Унгарија, Австрија, Босна и Херцеговина и Чешка. Поради прекинот на испораката на гас најголемиот потрошувач на тој енергент во Македонија, „Топлификација“, од завчера премина на мазут. Директорот на „Топлификација“, Димитар Хаџи Мишев, вели дека по завчерашниот премин на мазут нема промени, компанијата обезбедува топлинска енергија на алтернативниот начин со мазут и оти се во очекување проблемот да биде надминат. Во Македонија гас користат околу 30 компании, а најголем проблем од прекинот на дотурот имаат „Макстил“ и „ФЗЦ 11 октомври“, чии капацитети не може да преминат на алтернативен енергент за производство и нивната работа е стопирана. По прекинот на дотурот на гас за Балканот, Владата и Бизнис-заедницата на работен состанок се договорија Македонија во координација со земјите од регионот да испрати официјален протест до Русија и Украина. На средбата што се одржа завчера попладне во Владата беше договорено ако има потреба дополнително да се увезе мазут.  | | „Топлификација“ се надева на брзо надминување на проблемот со гасот меѓу Русија и Украина | | | |
За утре во Брисел е најавен работен состанок ЕУ - Русија - Украина, со цел да се најде решение за проблемот со снабдување на Европа со природен гас. Македонија ќе учествува со двајца претставници, по еден на политичко и на техничко ниво. Транзитот на рускиот природен гас за земјите на балканскиот регион беше прекинат завчераутро во 4:30 часот. Како последица на тоа, почна да опаѓа работниот притисок во македонскиот дел од гасоводот, по што дојде до целосен прекин на дотурот на природен гас за потрошувачите во Македонија. Во последните неколку години ова е шести руско-украински судир за гасот. Овојпат избувна откако „Гаспром“ побара поскапување на гасот, што Киев не го прифаќа, сметајќи дека е поголемо отколку што би требало. Москва ја прекина испораката на гас за Украина затоа што тамошната влада ги нема намирено сите долгови од минатата година. Владата во Киев, меѓутоа, тврди дека сметката е исплатена пред Нова година. Москва обвинува и дека Украина краде од количините гаса наменети за другите потрошувачи во Европа. Претставници на „Гаспром“ и на украинската енергетска компанија „Нафтогаз“, денеска одржуваат нови средби во обид да се надмине спорот, но засега нема информации дали е постигнат напредок. Инаку, министерот за надворешни работи Антонио Милошоски, денеска, на одвоени средби со амбасадорите на Руската Федерација и на Украина, Владимир Солоцинскиј и Виталиј Москаленко, им го пренел силното незадоволство и протест на македонската Влада до нивните влади и до компаниите „Гаспром“ и „Нафтагаз“, поради прекинот на испорака на руски природен гас преку територијата на Украина, поради спорот меѓу двете земји.
|