![]() |
|
|---|---|
АРМ се повлекува од Ирак До 15. декември АРМ ќе се повлече од ирачката база Таџи. Оваа одлука, која за Студио А2 ја потврдија извори од одбраната, е стратегиска и воопшто не е поврзана со спорот со името. Ниту со НАТО аспирациите на земјата, ниту со последниот минатонеделен инцидент, кога џип на АРМ беше оштетен од поставена мина во близина на базата во Таџи. Одлуката е во согласност со веќе отпочнатата операција за повлекување на коалиционите сили оттаму, договорена во септември меѓу ирачката влада и американската војска. Во АРМ веќе се почнати подготовките за повлекувањето, се врши информирање и на единицата во Таџи, но и на останатите единици во Македонија како полкот за специјални операции од кој се регрутира армискиот контингент за Ирак. На војниците им се објаснува дека состојбата во Ирак е стабилизирана и поради тоа ќе почне повлекување согласно со договорот ирачка влада, американска армија. Сегашниот контингент на АРМ во Ирак треба да биде последен. Единицата која треба да ги смени во декември се подготвува за мисија, но се уште не е прецизирано каде ќе оди. Претпоставките се дека АРМ по повлекувањето од Ирак со ист број војници ќе го засили контингентот во немирниот Авганистан или би учествувале во друга воена мисија. Други извори за студио А2, пак тврдат дека АРМ од Таџи може да биде префрлена во друг ирачки регион или на ирачката граница кон Турција или Иран иако таа варијанта е помалку веројатна поради веќе договореното целосно повлекување на коалиционите сили. И началникот на Генералштабот, генералот Мирослав Стојановски, овој месец ќе ги посети 40-те мировници во Таџи. Првите македонски војници во мисијата „Слобода за Ирак“ заминаа во јуни 2003-та. Контингентот ротираше на секои 6 месеци. Од Ирак меѓу првите се повлекоа грузиските војници во време на кратката Кавкаска војна во август, на први октомври почна извлекувањето на полскиот контингент. Нивните обврски како и на македонскиот контингент по заминувањето ќе ги преземат Американците.
|